Фото: ЕПА

Канзас сити стана петтиот тим во историјата на американската лига за фудбалерки што почнал сезона со четири победи во низа и има триумфи на осум натпревари по ред во регуларниот дел од сезоната во лигата, серија што почна минатата сезона, со што е израмнет рекорд на лигата. Тимот на Андоновски постави или израмни и неколку клупски рекорди

ФУДБАЛ – НВСЛ

Канзас сити карент на македонскиот фудбалски стручњак Влатко Андоновски со четири победи ја почна сезоната во американската лига за фудбалерки (НВСЛ), откако вчера го совлада Сан Диего, на гости, со 2-0, со голови постигнати во првото полувреме.
Тимот на Андоновски има серија од три натпревари без примен гол и сега има 12 бода, со вкупна гол-разлика 10-1. Ист бодовен ефект има и актуелниот шампион Орландо (во ова коло победи на гости кај Сиетл, со 1-0), со еден погодок подобра гол-разлика, а трет е Вашингтон, со девет бода.
– Покажавме зрелост во текот на целиот натпревар и не дозволивме натпреварот да стане хаотичен во ниту еден момент. Затоа бев среќен со тоа и мислам дека комуникацијата беше многу добра затоа што Сан Диего направи неколку интересни предизвици што моравме да ги решиме – рече Андоновски, пренесе Канзас сити на клупската интернет-страница.
Канзас сити стана петтиот тим во историјата на американската лига за фудбалерки што почнал една сезона со четири последователни победи, објави клубот.
Серијата од три натпревари без примен гол, пак, е најдолга во клупската историја, поставен е и нов рекорд на клубот за последователни минути без примен гол, 311, по победата вчера, а дополнително Канзас сити сега има победи на осум натпревари по ред во регуларниот дел на сезоната во НВСЛ-лигата, серија што почна минатата сезона, со што е израмнет рекорд на тоа натпреварување, објави Канзас сити.
Тимот на Андоновски во следното коло игра дома, со деветтопласираниот Хјустон, в недела, а Орландо на свој терен се среќава со Вашингтон. Н.М.