Фото: ЕПА

Со тоа Баерн Минхен, тимот на Винсент Компани, ја обезбеди титулата во Германија, што значи дека Кејн конечно ја отфрли идејата дека блескавата индивидуална кариера може да заврши без трофеј

ФУДБАЛ

И покрај сите голови и индивидуални признанија, Хари Кејн долго време беше критикуван дека никогаш не освоил трофеј со клуб или со репрезентација.
– Има многу луѓе што во текот на мојата кариера зборуваат само за фактот дека сè уште не сум освоил титула. Би било убаво да замолчат неколку од нив – рече неодамна капитенот на Англија, додека круната на Баерн Минхен во Бундеслигата почна да изгледа неизбежна. Со тоа, неговото 15-годишно чекање за сениорски трофеј заврши. Тимот на Винсент Компани ја обезбеди титулата во Германија, што значи дека Кејн конечно ја отфрли идејата дека блескавата индивидуална кариера може да заврши без трофеј, пишува „Би-би-си“.
– Воодушевен сум, оти тој многу ја заслужува. Тој го докажа тоа во текот на последните 10 години. Неговите бројки се апсолутно луди и ќе го прави тоа уште неколку години, оти сè уште е во врвна форма. Едноставно обожавам да го гледам – изјави поранешниот напаѓач на Баерн Минхен и Тотенхем, Јирген Клинсман, за „Би-би-си“.
Кариерата на Кејн не ја следеше траекторијата што би можело да се очекува за најдобриот стрелец на Англија на сите времиња. Тој беше младински играч последниот пат кога Тотенхем освои трофеј, а го потпиша првиот професионален договор во јули 2010 година. Откако Кејн се етаблираше на „Вајт Харт Лејн“, тој се разви во најдобар домашен играч во генерацијата на Тотенхем и стана најдобар стрелец на клубот на сите времиња со 280 гола на 435 меча, искачувајќи се на второто место во Премиер-лигата со 213 гола, веднаш зад Алан Ширер со 260. Сепак, и покрај сите голови и трите „златни копачки“ во Премиер-лигата, имаше серија порази, во финалето на ЛШ, двапати во Лига-купот и пораз за титулата во низа од Лестер и Челзи. Таа приказна се повтори со Англија, беа втори на последните две ЕП и поразени во полуфиналето на СП 2018, и покрај тоа што Кејн ја освои „златната копачка“ во Русија пред седум години и заврши како најдобар стрелец на ЕП лани.

– Секогаш велев дека ако Хари го напушти Тотенхем ќе добие можност да освојува титули – додаде Клинсман, кој исто така го освои своето единствено првенство во лигата откако го напушти Тотенхем за да оди во Баерн во 1995.
Всушност, трофеите изгледаа како однапред одреден заклучок кога Кејн му се приклучи на Баерн во август 2023. Тој дури имаше шанса за трофеј на своето деби, но Баерн загуби со 0-3 од Лајпциг во германскиот Суперкуп на арената „Алијанц“, а Кејн влезе во последниот 30 минути.
– Луѓето правеа лоши шеги за него. Баерн го освојуваше германското првенство 11 години во низа, Кејн дојде за повеќе од 100 милиони, а следната сезона не освои ниту еден трофеј – вели Тауфиг Калил, коментатор на радиото АРД.
Првата титула на Кејн е всушност 34-та за Баерн, a Кејн е најдобар стрелец во дивизијата со 24 гола и има 36 во сите натпреварувања сезонава, откако постигна 11 во ЛШ. Баерн очајно сакаше да стигне до финалето на нивниот домашен стадион во Минхен, но Кејн пропушти голема шанса во првиот четвртфинален меч против Интер и покрај тоа што постигна гол во реваншот во Милано, беа елиминирани. Неговата форма за време на оваа трка за титулата е продолжение на она што започна во неговата дебитантска сезона, каде што постигна 36 гола. Само Герд Милер и Роберт Левандовски постигнале повеќе во една сезона во Бундеслигата, пишува „Би-би-си“.
Во април, тој стана најбрзиот играч што постигнал 60 гола во натпреварувањето, правејќи го тоа во 60 настапи, со што го сруши рекордот на Ерлинг Халанд за пет натпревари. Тој исто така регистрираше 15 асистенции во тој период, со просек од вклученост во гол на секои 72 минути.
– Тој се бори, работи, дава неверојатен број голови. Никој не го заслужува тоа повеќе од него – вели почесниот претседател на Баерн, Ули Хенес.
Што е следно за Кејн?
– Во моментот кога Баерн испадна од ЛШ, почнаа да зборуваат за клупското СП. Тоа е уште еден голем трофеј. Сите сакаат тој да остане, со оглед на тоа што договорот на Кејн е до 2027 година. Прашањето е дали Флоријан Вирц и Џамал Мусијала, двајцата млади германски играчи што играат рамо до рамо, ќе соработуваат со централен напаѓач и колку пари сакате да потрошите за Кејн за следната сезона. Мислам дека ќе го гледаме Кејн барем уште една година – смета Калил, пишува „Би-би-си“. Г.И.


Избрани освојувачи на трофеи за првпат над 30 години

ФУДБАЛЕР КЛУБ ТРОФЕИ ГОДИНИ
Марко Матераци Интер Куп на Италија 30
Ерик Диер Баерн М. Бундеслига 31
Хари Кејн Баерн М. Бундеслига 32
Вес Морган Лестер Премиер-лига 32
Теди Шерингам Манчестер Ј. Премиер, ФА-куп, ЛШ 33
Стенли Метјус Блекпул ФА-куп 38