Татко ми беше одличен спортист, но воопшто не се интересираше за фудбал. Сепак, растејќи со вредностите што ни ги всади, труд, жртва, никогаш не барај изговори, помогна да се оформи мојот карактер, рече Лопетеги (55) во интервју за британскиот весник „Гардијан“

ХУЛЕН ЛОПEТЕГИ, ТРЕНЕР НА СЕВИЛЈА

Таткото на Хулен Лопетеги, тренерот на шпанска Севилја, Хозе Антонио, бил баскиски шампион во кревање камења, своевремено ги одбил предлозите да стане боксер во тешка категорија, вујкото Луис, исто така, бил познат кревач на камења, а братот Хоксеан бил професионален пелотар. Хулен, исто така, можел да игра пелота во која топката се удира во ѕид во сала.
– Имав шанса и јас да бидам професионалец, но мојата страст беше фудбалот. Јас сум црната овца во семејството, навлечена на фудбалот. При типичните тестови на училиште, како „што ќе бидеш во животот“, првиот одговор ми беше фудбалер. Вториот беше фудбалски новинар. Ако не играв, барем бесплатно ќе гледав натпревари – вели Лопетеги (55) во интервју за британскиот весник „Гардијан“.
Светот на фудбалот прво доби голман и на крајот тренер воден од лекциите научени дома, дури и ако избрал погрешен спорт.
– Татко ми беше одличен спортист, но воопшто не се интересираше за фудбал. Сепак, растејќи со вредностите што ни ги всади, труд, жртва, никогаш не барај изговори, помогна да се оформи мојот карактер – рече Лопетеги.
Во 1986 година, од академијата на Сосиедад ѝ се придружи на Кастилја, што беше почеток на 17-годишната кариера во Реал Мадрид и во Барселона. Потоа дојде тренерската работа, примена на нови методи, нови цели, идеали.
– Се сеќавам дека Луис Арагонес ми рече: „Првата работа е соблечи го дресот“. За што зборува, си велев? Понекогаш е како да давате апче, треба да го дадете на вистински начин – се потсетува Лопетеги.
Капитенот на Севилја, Иван Ракитиќ, замолен да го опише својот тренер, вели: „Кога ќе се врати дома, сигурен сум дека им ја објаснува тактиката на сопругата и на ќерката“. Лопетеги протестира насмевнувајќи се: „Ако се појави нешто поврзано со фудбалот, тоа не е затоа што го спомнувам, туку затоа што ме прашуваат. Среќен сум што моето семејство ме прифаќа таков каков што сум“.
Интензивен е еден од зборовите за човек што по крајот на натпреварите изгледа исто толку исцрпено како и неговите играчи.

– Се гледате себеси и понекогаш она што го гледате ви се допаѓа повеќе отколку на другите. Но заклучокот до кој дојдов е дека јас сум тоа што сум. Нема бегање дека тренерството одзема многу од вас. Мора да ја надминете најголемата пречка, а тоа е да можете да го преземете притисокот и да го тргнете од играчите. Вашата страст и енергија не се управувани од возраста, се приспособуваш, секојдневно се подобруваш, се менуваш. Тоа е она што ви овозможува да продолжите. Сѐ додека ве сакаат. Кога не ве сакаат… – вели тој.
Дали навистина можете да уживате во тоа?
– Како мало дете. Дури и во најтешките моменти, затоа што во тоа време интервенцијата на тренерот треба да биде најдобра. А тешките моменти го создаваат карактерот – рече Лопетеги.
А имаше многу тешки моменти за него. По 10 натпревари во Рајо, Лопетеги почна со младинскиот фудбал, предводејќи ја Шпанија до европските титули за фудбалери до 19 и до 21 година, во 2012-та и 2013-та. Тој чувствува исполнетост и наклонетост кога гледа како „неговите деца“ успеваат, Давид де Хеа, Тијаго Алкантара, Коке, Алваро Мората и Дани Карвахал се некои од долгата листа. Но тој бараше нешто друго.
– Мојата страст секогаш беше да тренирам на елитно ниво – вели Лопетеги.
Лопетеги доби отказ како селектор на Шпанија во пресрет на Светското првенство (СП) во 2018 година во Русија. Претседателот на фудбалската федерација на Шпанија, Хозе Луис Рубиалес, бурно реагираше на тоа што Реал Мадрид објави дека тој ќе биде нивниот нов тренер. Лопетеги беше принуден да го напушти тренинг-кампот и да се врати сам дома.

– Сѐ можеше да биде подобро. Изградивме силен тим со јасен идентитет, бевме подготвени да постигнеме многу и болеше затоа што бев исфрлен во моментите кога надежта беше најголема. Сето тоа можеше да се направи многу поприродно. Но тоа поглавје е затворено за мене – изјави Лопетеги.
Велат дека најдобрата одмазда е да се живее добро.
– Би бил просечен човек ако се мотивирам од тоа, сакајќи да им докажам на луѓето дека грешат. Мотивацијата е во вас. Не го чекате денот со размислување „пред две години“. Ве води вашата страст. Тоа е добрата енергија, а другиот вид, сосема искрено, не ми се допаѓа. Учите од лошите искуства, но енергијата што ве поттикнува е внатрешна, а не надворешна – вели Лопетеги.
Ако имаше одредена воздржаност кога пристигна во Севилја, тоа одамна го снема. Во првата сезона тој ја врати Севилја во Лигата на шампионите и триумфира во Лига Европа (ЛЕ). Минатата сезона до 36-то коло Севилја беше во трката за титулата. Сезонава, повторно е во ЛЕ, натпреварување што никој не го прифаќа и го сака како Севилја.