Фото: Игор Бансколиев

Изненадувањата досега ги приредија репрезентациите на Саудиска Арабија и на Јапонија, со победите над некогашни светски прваци, Аргентина, односно Германија. И покрај многуте мечеви без голови, ефикасноста е солидна (по 13 меча, просекот е 2,62 гола по натпревар, повеќе од вкупните просеци на мундијалите во 2002, 2006, 2010 и во 2018 година)

ФУДБАЛ – ПРВО КОЛО НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО КАТАР

Рекорден број ремија без голови во прво коло на мундијалите, откако тие се играат со по 32 репрезентации, но и изненадувањата се карактеристиката по воведните мечеви во групите на некомплетното прво коло на фудбалското Светско првенство (СП) во Катар.
И покрај рекордниот број средби со резултат 0-0 за прво коло, ефикасноста, сепак, е во рамките на вкупниот просек на претходните неколку мундијали, откако по 13 меча (синоќа се играа уште три средби), просекот е 2,62 гола по натпревар, помалку од вкупниот просек на Светското првенство во 2014 година, а повеќе од просеците на мундијалите во 2002, 2006, 2010 и во 2018 година. На досегашните натпревари беа досудени осум пенали, шест беа реализирани (вкупно рекордно СП е тоа во 2018 година со 22 гола од белата точка).
По некомплетното прво коло (вчера се играа мечеви во групите Г и Х, а од денеска почнува второто коло во групите А и Б), оваа воведна рунда на СП 2022 има најмногу ремија без голови, три, откако на светските првенства играат по 32 репрезентации (од 1998 година). На минатиот шампионат, во 2018 година, во првото коло немаше ниту еден натпревар со резултат 0-0, а на целото СП 2018 само на еден дуел не беа затресени мрежите (на средбата Данска – Франција во третото коло).
Последно светско првенство без ниту еден резултат 0-0 беше тоа во 1954 година одиграно во Швајцарија, а без таков резултат се одиграа само првите пет планетарни фудбалски собири (во 1930, 1934, 1938, 1950 и во 1954 година).
Првото реми без голови на светските шампионати се случи во 1958 година, кога репрезентациите на Бразил и на Англија не ја затресоа мрежата на меѓусебниот дуел од второто коло. Оттогаш, на секое СП потоа имало најмалку барем по едно реми без голови, а најмногу, по седум, на мундијалите во 1982, 2006, 2010 и во 2014 година.
Во првите кола, пак, по два вакви меча 0-0 имаше на СП во 1998, 2006 и во 2010 година, еден во 2014-та, а ниту еден, покрај во 2018-та, уште и во 2002 година. Со три меча со резултат 0-0, СП 2022 веќе е на рамништето на целите светски првенства во 1966, 1970, 1994 и во 2002 година.
За изненадувањата по 13 меча на годинашното СП досега се погрижија репрезентациите на Саудиска Арабија и на Јапонија, со победите над некогашни светски прваци и фаворити за светската титула, Аргентина, односно Германија, со по 2-1, во двата случаја со пресврт откако противникот поведе со гол постигнат од пенал.
Репрезентацијата на Шпанија, пак, ја совлада Костарика со 7-0, што е една од најголемите победи на една селекција на светските првенства, категорија во која води Унгарија со победата над Салвадор со 10-1 на Светското првенство во 1982 година во Шпанија (Ласло Киш на тој меч постигна три гола за седум минути, со што е единствената замена што постигна хет-трик на СП и тоа се и најбрзите три гола од еден играч на мундијалите).


ПРВО КОЛО НА СВЕТСКИ ПРВЕНСТВА СО 32 СЕЛЕКЦИИ

СП 1998 37 2
СП 2002 46 0
СП 2006 39 2
СП 2010 25 2
СП 2014 49 1
СП 2018 38 0
СП 2022 34 3

колоните се светско првенство (СП), вкупно голови и ремија со резултат 0-0 во првото коло (за СП 2022 по 13 меча)


Денеска дерби на водечките во групата А

Денеска почнува второто коло на фудбалското Светско првенство во Катар со натпреварите во групите А и Б. Така, во групата А, водечките Еквадор и Холандија (по три бода) играат меѓу себе, а во таа група се среќаваат и Катар и Сенегал. Англија, која води во групата Б со три бода, ќе игра со репрезентацијата на САД, која има еден бод, како и Велс, кој, пак, се среќава со Иран. Според правилата на Светската фудбалска федерација (ФИФА), во случај на ист број бодови на две или повеќе репрезентации за одредување на пласманот во групата прво решава вкупната гол-разлика, а потоа вкупно постигнатите голови, меѓусебниот резултат на израмнетите селекции итн.

СП 2022, ПРВО КОЛО

Катар – Еквадор 0-2
Сенегал – Холандија 0-2
Англија – Иран 6-2
САД – Велс 1-1
Аргентина – С. Арабија 1-2
Мексико – Полска 0-0
Данска – Тунис 0-0
Франција – Австралија 4-1
Мароко – Хрватска 0-0
Белгија – Канада 1-0
Германија – Јапонија 1-2
Шпанија – Костарика 7-0
Швајцарија – Камерун 1-0
Бразил – Србија синоќа
Уругвај – Јужна Кореја синоќа
Португалија – Гана синоќа

ДВОЈКИ ЗА ДЕНЕСКА, ВТОРО КОЛО

Велс – Иран 11 ч.
Катар – Сенегал 14 ч.
Холандија – Еквадор 17 ч.
Англија – САД 20 ч.