Фото: ЕПА

Од идната сезона во ЛШ ќе играат 36 екипи, што ќе овозможи четири дополнителни места, од кои две се за двете земји чии клубови ќе имаат најдобри резултати во сите натпреварувања на УЕФА сезонава (вкупен број освоени бодови поделен со бројот на клубови учесници). Во трката по бодови Италија и Англија имаат уште по шест тима, Германија и Шпанија по четири…

ФУДБАЛ – ПО МЕЧЕВИТЕ НЕДЕЛАВА ВО ЕВРОПСКИТЕ КУПОВИ

Италија (просек 16,571 поени) и Германија (15,5) моментално се на двете водечки позиции во трката за две дополнителни места во Лигата на шампионите (ЛШ) во идната сезона, а на таа табела на Европската фудбалска унија (УЕФА) трета е Англија (14,625), по мечевите во трите европски купа неделава, пишува „Скај спорт“.
Победите на Рома, Милан и на Фиорентина во четвртокот го зголемија водството на Италија на врвот. Останаа шест италијански екипи во трите натпреварувања на УЕФА, и тоа Интер и Наполи во ЛШ, Аталанта, Милан и Рома во Лига Европа (ЛЕ) и Фиорентина во Конференциската лига (КЛ).
И Англија има шест клуба вклучени во европските купови, Манчестер сити е првата екипа што се пласирала во четврт-финалето на Лигата на шампионите. Арсенал идната недела игра со Порто во реваншот од осминафиналето, Ливерпул, Вест Хем и Брајтон се во Лига Европа, а Астон Вила во Конференциската лига.
По средбите неделава, Германија има четири тима во натпреварувањата на УЕФА, и тоа Баерн и Борусија Дортмунд во Лигата на шампионите, како и Баер и Фрајбург во Лига Европа. Четири клуба има и Шпанија (Реал Мадрид, Атлетико Мадрид и Барселона во ЛШ и Вилјареал во ЛЕ), по три имаат Франција (Пари сен Жермен во ЛШ, Марсеј во ЛЕ и Лил во КЛ) и Чешка (Спарта и Славија во ЛЕ и Плзен во КЛ)…
Сезонава во ЛШ се игра уште според постојниот формат, со 32 екипи во групната фаза, поделени во осум групи, од кои првите две одат во осминафиналето. Од идната сезона во ЛШ ќе играат 36 екипи, во една лига, што ќе овозможи четири дополнителни места, од кои две за двете земји чии клубови ќе имаат најдобри резултати во сите натпреварувања на УЕФА сезонава (вкупен број освоени бодови поделен со бројот на клубови учесници). Тие две земји ќе добијат по едно место за најдобро рангираниот клуб во домашната лига зад позициите што носат директен влез во Лигата на шампионите (во случајот на Италија, Германија, Англија и Шпанија, тоа би била петтопласираната екипа).
Од другите две места, едно ќе му припадне на клубот што е третопласиран во шампионатот на асоцијацијата на петтата позиција во рангирањето на УЕФА (Франција) и едно за домашен шампион од квалификациите (зголемување од четири на пет во однос на досега), преку таканаречената „Патека на шампионите“. Н.М.


РАНГ-ЛИСТА НА УЕФА

ЗЕМЈА ПРОСЕК
Италија 16,571
Германија 15,5
Англија 14,625
Франција 14,416
Шпанија 13,437

Извор: УЕФА