Во заедничката изјава, двата клуба соопштија дека новиот дизајн на стадионот е инспириран од катедралата „Дуомо“ и од галеријата „Виторио Емануеле“

ФУДБАЛ

Италијанските фудбалски клубови Интер и Милан го промовираа новиот заеднички „дом“, дизајниран од „Популус“, кој се погрижи за изгледот на стадионот на Тотенхем, на стадионот „Вембли“ и на стадионот „Јенки“ во Њујорк, објави агенцијата „Франс прес“ (АФП). Новиот стадион во Милано, наречен „Катедрала“, ќе се наоѓа во истата градска област во Милано, Сан Сиро, каде што е и сегашниот, официјално наречен „Џузепе Меаца“. Во заедничката изјава, Милан и Интер соопштија дека новиот дизајн на стадионот е инспириран од катедралата „Дуомо“ и од галеријата „Виторио Емануеле“.
Новиот стадион во Милано ќе се наоѓа во близината на сегашниот, кој треба делумно да биде урнат и да се претвори во помала арена, откако ќе биде домаќин на свеченото отворање на Зимските олимписки игри во 2026 година. Изградбата на новиот стадион треба да биде завршена најдоцна до 2025 година.
– Новиот Сан Сиро ќе биде најубавиот стадион во светот поради неговиот силен идентитет и препознатливост. Атрактивна арена, достапна и одржлива за градот Милано, која ќе го олесни растот на клубовите и нивната глобална конкурентност – рече претседателот на Милан, Паоло Скарони.
Поширокиот проект ќе опфати над 110.000 квадратни метри зелена површина со спортски и рекреативни објекти, кои се или „бесплатни или се поврзани со градот Милано“. Интер и Милан најавија дека сега „ќе имаат цел да го претстават финалниот проект во 2022 година“, откако ќе направат корекции во согласност со прописите за урбанистичко планирање на градот.