ФУДБАЛ
Во новата сезона ќе има клубови од 15 земји. Откако групната фаза на ЛШ се игра со по 32 тима (од 1999 г.) имаше шест сезони со рекорден број земји-учеснички, по 18, а најмалку, 14, имаше еднаш
Во 69-та сезона на елитното европско фудбалско клупско натпреварување, Лигата на шампионите, порано со име Куп на шампионите, ќе има клубови од 15 земји, еден повеќе од сезоната со најмалку земји-учеснички. Откако групната фаза на ЛШ се игра со по 32 тима (од 1999 година) имаше шест сезони со рекорден број земји-учеснички, по 18 (шестиот пат во сезоната 2014/2015).
Во меѓувреме се одиграа и пет сезони со клубови од 17 земји, седум од 16, уште пет од 15, а најмалку, од 14 земји, имаше еднаш, во сезоната 2002/2003. Сезонава е последна во која ќе се игра според овој формат на ЛШ, со 32 екипи во групната фаза поделени во осум групи. Од идната сезона ќе настапуваат по 36 тима, во една група, по друг систем на натпревари пред пласманот во осминафиналето.
Во групната фаза сезонава ќе има клубови од Шпанија (пет), Англија, Италија, Германија (по четири), Португалија (три), Франција, Холандија (по два), Украина, Австрија, Србија, Шкотска, Турција, Швајцарија, Белгија и од Данска (по еден).
Вчера беше влечена ждрепката за состав на групите во ЛШ, а за време на церемонијата беа доделени наградите за сезоната 2022/2023 за играч на годината, мажи (Норвежанецот Ерлинг Холанд од Манчестер сити) и жени (Шпанката Аитана Бонмати од Барселона), и за тренер на годината, мажи (Шпанецот Пеп Гвардиола од Манчестер сити) и жени (Холанѓанката Сарина Вигман од репрезентацијата на Англија, која и лани ја доби таа награда), како и претседателската награда, која се доделува од 1998 година, а која годинава ја доби некогашниот германски репрезентативец Мирослав Клосе.
Одново дебитант од Германија
Од 32-та клуба што ќе играат во групната фаза на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) сезонава дебитант е германскиот Унион Берлин. Дебитант во ЛШ е и Антверпен (Белгија), кој, пак, во елитното натпреварување, тогаш со име Куп на шампионите, се враќа по пауза од 66 години (играше во првата сезона, 1957/1958). И во неколку претходни сезони Германија имаше дебитанти во натпреварувањето, кое од 1992 година се игра под името Лига на шампионите. Во сезоната 2022/2023 тоа беше Ајнтрахт, во сезоната 2018/2019 првпат настапи Хофенхајм, во 2017/2018 дебитира Лајпциг, во сезоната 2015/2016 Борусија (М)… Германија е рекордер според бројот на тимови што настапиле во групната фаза на ЛШ, вкупно 15, два повеќе од Шпанија…
Ќе настапат рекорден број европски прваци
Во новата сезона на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) ќе настапат рекорден број поранешни европски прваци, вкупно 14, колку што имаше и во сезоните 2013/2014 и 2022/2023. Откако групната фаза на ЛШ се игра со по 32 тима (од 1999 година), најчесто во групната фаза се натпреваруваа по 12 европски шампиони, во вкупно осум сезони (осми пат во 2020/2021). Најмалку, осум, прваци играа во сезоната 2000/2001, а по девет имаше во три сезони. Во трка за нов европски трофеј сезонава влегува актуелниот првак Манчестер сити, потоа најтрофејниот Реал Мадрид, како и Милан, Баерн, Барселона, Интер, Манчестер јунајтед, Бенфика, Порто, Селтик, Феенорд, ПСВ Ајндховен, Црвена звезда и Борусија Дортмунд.
Наполи на Елмас ќе игра со Реал М., Брага и со Унион Берлин
Наполи на македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас ќе игра со најтрофејниот клуб во Лигата на шампионите (ЛШ), Реал Мадрид, со Брага и со дебитантот во натпреварувањето, Унион Берлин, во групата Ц во новата сезона на ЛШ. Како една од посилните групи се издвои групата Ф, во која се Пари сен Жермен, Борусија Дортмунд, Милан и Њукасл. Актуелниот европски првак Манчестер сити ќе се сретне со Лајпциг (играа меѓу себе во осминафиналето во минатата сезона и во групната фаза во сезоната 2021/2022), Црвена звезда и со Јанг бојс… ПСВ Ајндховен, на пример, е во група со Севилја, со која лани се сретна во плејофот на Лига Европа и со Арсенал, со кој играше во групната фаза. Во групната фаза ќе има и дуели помеѓу клубови што досега се сретнале во финале на ЛШ, како Баерн – Манчестер јунајтед (финале во 1999 година), Феенорд – Селтик (1970 г.) и Бенфика – Интер (1965 г.).
ЛШ, СОСТАВ НА ГРУПИТЕ
Група А: Баерн, Манчестер јунајтед, Копенхаген, Галатасарај
Група Б: Севилја, Арсенал, ПСВ Ајндховен, Ленс
Група Ц: Наполи, Реал Мадрид, Брага, Унион Берлин
Група Д: Бенфика, Интер, Салцбург, Сосиедад
Група Е: Феенорд, Атлетико Мадрид, Лацио, Селтик
Група Ф: Пари сен Жермен, Борусија Д., Милан, Њукасл
Група Г: Манчестер сити, Лајпциг, Црвена звезда, Јанг бојс
Група Х: Барселона, Порто, Шахтер, Антверпен