Левандовски е вториот фудбалер со барем 300 гола во Бундес-лигата, а Баерн постави нов германски рекорд со 66-от првенствен меч по ред со барем еден постигнат погодок

ФУДБАЛ – ГЕРМАНИЈА

Роберт Левандовски го постигна својот 300. гол во германската фудбалска Бундес-лига во победата на Баерн над Келн, со која клубот од Минхен постави рекорд од 66. последователен првенствен натпревар со барем еден постигнат погодок, пишува „Би-би-си“.
Полскиот напаѓач му донесе рано водство на Баерн, а Корентин Толисо додаде уште еден гол пред паузата. Во вториот дел, Левандовски зголеми на 3-0, а подоцна го заокружи својот хет-трик (три гола). По овој триумф, Баерн води по 19 кола, со 46 бода, шест повеќе од второпласираната Борусија Дортмунд, која во ова коло го совлада Фрајбург.
Серијата постигнати голови на Баерн од 66 првенствени натпревари по ред е нов клупски и бундеслигашки рекорд. Баерн ја надмина сопствената серија од 65 натпревари, остварена од февруари 2018 до февруари 2020 година.
Со постигнувањето 300 гола во Бундес-лигата, пак, Левандовски стана првиот фудбалер што ја надминал таа граница, по легендата на Баерн, Герд Милер, во 1976 година (вкупно 365 гола според податоците на германскиот дневен спортски весник „Кикер“).
Германскиот фудбалски гигант Баерн сезонава на 19 меча постигна 61 гол во Бундес-лигата, што е нов најдобар скор во оваа фаза од сезоната. Баерн, исто така, постигна 202 гола на 66-те последователни натпревари во Бундес-лигата од февруари 2020 година, во таа низа прв стрелец е Левандовски со 76 погодока, а најдобар асистент е Томас Милер со 48 асистенции, пишува официјалната интернет-страница на Бундес-лигата.