Германскиот фудбалски репрезентативец Каи Хаверц повторно беше стрелец на гол со кој Челси стигна до значаен трофеј, овој пат погодувајќи за триумф над бразилски Палмеирас од 2-1 по продолженија во финалето на Светското клупско првенство. Тој минатата сезона го постигна победничкиот погодок и против Манчестер сити (1-0) во финалето на Лигата на шампионите.
Европскиот првак дојде во водство преку Ромелу Лукаку во 55-та минута, а јужноамериканскиот шампион израмни преку Рафаел Веига од пенал во 64-та минута, пред Хаверц да го постигне решавачкиот гол во 117-та минута, исто така од пенал.
Ова е прв трофеј на Светското клупско првенство за Челси, кој претходно беше поразен од бразилски Коринтијанс со 0-1 во финалето во 2012 година. Египетски Ал Ахли стигна до третото место на турнирот со победата над Ал Хилал од Саудиска Арабија од 4-0.