Пеп Гвардиола стана првиот тренер што по деветти пат избори пласман во полуфиналето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), откако со Манчестер сити го елиминира Атлетико Мадрид, по ремито 0-0 во натпреварот исполнет со тензии во Мадрид. Англичаните го добија двомечот со вкупен резултат од 1-0.
Шпанскиот стратег четирипати играше полуфинале во ЛШ со Барселона, трипати со Баерн и двапати со Сити. Тој го освои трофејот со Барселона во 2009 и во 2011 година. А минатата сезона со „граѓаните“ беше поразен во финалето на престижното натпреварување, од Челси со 0-1.
По осум учества меѓу најдобрите четири екипи во елитното натпреварување имаат тренерот на актуелниот полуфиналист Реал Мадрид, Карло Анчелоти, кој е следен ривал на Гвардиола во ЛШ, како и Жозе Мурињо кој моментно ја предводи Рома.
Сити во следната рунда ќе се сретне со Реал, додека во второто полуфинале ќе играат Ливерпул и Вилјареал. Ливерпул вечерва одигра нерешено со Бенфика 3-3, за да слави со вкупни 5-3 во двомечот. Првите полуфинални дуели се играат на 26 април, а реваншите на 3 мај.