Фото: ЕПА

Секогаш сум велел дека со Ерлинг ќе биде тешко кога ќе се погледне што направил. Ако не ги постигнува головите како што ги постигнува сега, луѓето ќе речат: „Ох, тој е во лоша ситуација“, но неговата игра може многу да се подобри. Не би рекол во шеснаесетникот, туку во самата игра, движењата. Мислам дека тој има желба да стане подобар како играч. Сѐ додека го има тоа, може да го направи тоа, рече Гвардиола

ФУДБАЛ

Менаџерот на англискиот фудбалски првак Манчестер сити, Пеп Гвардиола, изјави дека има многу простор за Ерлинг Холанд да стане уште подобар, пишува „Би-би-си“. Норвешкиот напаѓач сезонава постигна 50 гола за Сити, од кои 34 во Премиер-лигата и 12 во Лигата на шампионите. Англискиот рекорд за најмногу голови во една сезона е 63, на Дикси Дин од Евертон во сезоната 1927/1928.
– Секогаш сум велел дека со Ерлинг ќе биде тешко кога ќе се погледне што направил. Ако не ги постигнува головите како што ги постигнува сега, луѓето ќе речат: „Ох, тој е во лоша ситуација“, но неговата игра може многу да се подобри. Не би рекол во шеснаесетникот, туку во самата игра, движењата. Мислам дека тој го има чувството „Дали е доволно?“ и мислам дека има желба да стане подобар како играч. Сѐ додека го има тоа, може да го направи тоа – рече Гвардиола.
Сити му гостуваше синоќа на Вест хем, во обид да се врати на врвот во Премиер-лигата, откако Арсенал изби на првото место со победата со 3-1 на мечот со Челси. Со следниот гол во Премиер-лигата, Холанд ќе го собори рекордот што сега го дели со Алан Ширер и со Ендрју Кол. И Кол (за Њукасл во сезоната 1993/1994) и Ширер (Блекбурн, 1994/1995) постигнаа по 34 гола во Премиер-лигата во една сезона, кога се играа по 42 меча, наместо 38, како што е сега.
Холанд има уште најмногу 10 меча за играње сезонава, шест во Премиер-лигата, еден во ФА-купот и максимум уште три во Лигата на шампионите, ако Манчестер сити стигне до финалето.

– Го познавам малку и тој е толку конкурентен и позитивен во својот начин на размислување. Тој ја има онаа неверојатна позитивна самодоверба. Тоа не е ароганција. Самодоверба е да се каже дека ќе постигне гол и во својата прва сезона веќе да постигне 50 и да го израмни рекордот на двете легенди Енди Кол и Алан Ширер – вели Гвардиола.
Сепак, шефот на Сити ја отфрли секоја споредба помеѓу Холанд и Лионел Меси, кого Гвардиола го тренираше за време на неговиот престој во Барселона. Аргентинскиот напаѓач Меси, кој ја предводеше својата репрезентација до титулата на Светското првенство лани, има повеќе од 100 репрезентативни гола и постигна 800 гола во фудбалот на највисоко ниво.
– Никој не може да се споредува со Меси. Тоа нема да му помогне на Ерлинг. Меси е најкомплетниот играч што сум го видел во поглед на визија, дриблинзи, додавања, конкурентност, во многу работи што се тешки. Се надевам дека Ерлинг може да биде толку близок со Лео, тоа ќе биде одлично за нас и за него – изјави Гвардиола. Н.М.