Проширеното СП со 48 селекции во САД, Мексико и во Канада требаше да има 16 групи со по три репрезентации, но можна е одлука за 12 групи со по четири селекции, пишува „Би-би-си“

ФУДБАЛ

Oдлуката за промена на форматот на фудбалското Светско првенство (СП) во 2026 година назад во групи со по четири репрезентации може да биде потврдена подоцна овој месец, пишува „Би-би-си“. Проширеното Светско првенство со 48 селекции во САД, Мексико и во Канада требаше да има 16 групи со по три репрезентации. Но возбудата создадена од минатогодишниот турнир во Катар, кога некои групи имаа тензични финални натпревари, ја натерала Светската фудбалска федерација (ФИФА) да го преиспита тоа, пишува „Би-би-си“.
Потврда за потегот може да дојде на состанокот на Советот на раководното тело во Руанда на 16 март. Според информациите на „Би-би-си“, постои договор меѓу сите страни дека форматот со по четири фудбалски репрезентации треба да се задржи, под услов да не го зголеми натпреварувањето, кое го вклучува и времето за подготовка, како и самиот турнир.
– Групите од три селекции звучеа одлично, но има некои проблеми. Дали е правилно да се квалификувате за Светско првенство и една третина од тимовите да си одат дома по два натпревара? Мораме да бидеме одговорни. Имаше пример со број на денови од 2014 и од 2018 година и не можеме да го надминеме тоа. Не можеме да имаме тримесечно Светско првенство – изјави претседателот на Фудбалската федерација на Северна Америка (КОНКАКАФ), Виктор Монтаљани, на самитот на „ФТ фудбалски бизнис“, пренесе „Би-би-си“.
Групи со по четири селекции би го зголемило Светското првенство од предвидените 80 натпревари на можни 104. Овој потег исто така ќе предизвика загриженост за животната средина, со оглед на тоа што повеќе селекции ќе мора да патуваат, и Монтаљани вели дека тоа прашање се сфаќа сериозно. Распоредот на натпреварите е многу важен.
– Не можете да имате селекции што патуваат од Њујорк до Лос Анџелес. Репрезентациите ќе играат на мали растојанија. Ќе има група што ќе игра меѓу Бостон, Филаделфија и Њујорк. Друга во Ванкувер и во Сиетл, трета во Лос Анџелес и во Сан Франциско. Има и други стратегии што треба да се применат, така што се придржуваме до она што е ставено во понудата – вели тој. Н.М.