Борусија го победи Шалке со голот на Мукоко, кој стана најмладиот играч (17 години и 301 ден) што постигнал гол на дербито и најмладиот играч во историјата на Бундес-лигата што постигнал седум гола

ФУДБАЛ – БУНДЕС-ЛИГА

Борусија Дортмунд забележа победа над Шалке (1-0) во големото, 99-то фудбалско дерби, познато и како „мајка на сите дербија“, кое важи за едно од најжестоките ривалства и во светски рамки. Единствениот гол на првото дерби пред полниот стадион „Вестфален“ по април 2019 година, го постигна Јусуфа Мукоко, во 79 минута, кој стана најмладиот играч (17 години и 301 ден) што постигнал гол на дербито и најмладиот играч во историјата на Бундес-лигата што постигнал седум гола.
– Секогаш си фантазирав како ќе славам пред „жолтиот ѕид“ кога ќе постигнам победоносен гол на дербито. Пресреќен сум, тоа беше прекрасно чувство – изјави Мукоко по мечот, додавајќи оти голот му го посветува на повредениот капитен, Марко Ројс.
За Ројс (33), тоа беше 12-то дерби, односно 250-ти натпревар во Бундес-лигата за Борусија, неговиот клуб од детството. Но тој имаше пех, ги повреди лигаментите на зглобот уште во првото полувреме и на носилки беше изнесен од теренот Тоа значи дека неговиот настап на уште едно големо натпреварување повторно е под знак прашалник, Светското првенство (СП) во Катар, откако претходно поради повреди ги пропушти СП 2014 во Бразил и Европското првенство (ЕП) во 2016 година во Франција.
Англичанецот Џуд Белингам го одигра 100-от натпревар за Борусија и на 19 години стана најмладиот играч во клупската историја што ја достигнал таа бројка. Со петтата победа во седумте кола сезонава, Борусија се искачи на врвот на табелата со 15 бода, еден повеќе од Унион Берлин, кој вчера играше со Волфсбург. Неочекуван пораз, прв сезонава, претрпе Баерн, од Аугсбург (0-1). со што ја продолжи низата од четири меча без победа во Бундес-лигата. Л.Д.