На шампионатот во Германија првпат на ЕП ќе има „поврзана топка“ и полуавтоматска офсајд-технологија, кои ќе им се приклучат на ВАР и на системот за гол-линијата што се користеа и на претходни континентални фудбалски првенства
ФУДБАЛ
На стандардните технолошки помошници на судиите, како што се системот видеопомошник-судија (ВАР) и системот за гол-линијата, на годинашното Европско првенство (ЕП) во Германија првпат на континенталните шампионати ќе им се придодадат и топка со чип и полуавтоматската технологија за одредување офсајд.
ВАР беше воведен во Лигата на шампионите во 2019 година, по опсежни тестирања и обука на судиите, а потоа неговата употреба се прошири и во други натпреварувања, вклучувајќи ги сите сениорски репрезентативни и клупски натпреварувања, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). На ЕП 2024 ќе има ВАР, заедно со двајца помошни видеосудии (АВАР) и три видеооператори на сите натпревари. Во Центарот за фудбалски технологии во Меѓународниот центар за емитување во Лајпциг се изградени четири видеосали за да го сервисираат сето тоа, пишува УЕФА. Тимот на ВАР постојано ќе проверува дали има јасни и очигледни грешки поврзани со четири ситуации – голови, инциденти во казнениот простор, црвени картони и погрешен идентитет при покажан картон.
– Технологија за „поврзана топка“: Првпат на европските фудбалски првенства официјалната топка за натпреварите ќе ја содржи технологијата за „поврзана топки“ на „Адидас“, која испраќа прецизни податоци за топката до официјалните лица во видеособата во реално време. Комбинирајќи ги податоците за позицијата на играчите со вештачката интелигенција, иновацијата придонесува за полуавтоматизираната офсајд-технологија и ќе биде клучна за поддршка на побрзи одлуки во натпреварите. Технологијата за „поврзана топка“ исто така може да им помогне на службените лица на ВАР да го идентификуваат секој поединечен допир на топката, намалувајќи го времето поминато за решавање инциденти при игра со рака и пенали.
– Полуавтоматска офсајд-технологија: Таа им овозможува на ВАР-тимовите брзо и попрецизно да одредуваат офсајд-ситуации, благодарение на десетте специјализирани камери инсталирани на стадионите, кои следат 29 различни точки на телото на секој фудбалер. Воведен во Лигата на шампионите во 2022 година, системот се интегрира со топката за веднаш да ја идентификува точката на контакт со топката за анализираните ситуации за офсајд.
– Технологија на гол-линија: Европската фудбалска унија ја воведе оваа технологија на сите стадиони за турнирот. Системот, кој се користи во елитните клупски и репрезентативни натпреварувања на УЕФА од 2016 година, распоредува седум камери за секој гол, користејќи контролен софтвер за следење на топката во голманскиот простор. Користејќи техники и софтвер за обработка, системот во рок од една секунда покажува дали е постигнат гол од акцијата со вибрации и визуелниот сигнал на часовникот на секој судија на натпреварот. Н.М.