РАКОМЕТ – НА ЕП 2026 ДАНСКА ГИ ОБЕДИНИ ЕВРОПСКАТА, СВЕТСКАТА И ОЛИМПИСКАТА ТИТУЛА
- Данска го освои третиот златен медал на ЕП и сега е актуелен европски, светски и олимписки шампион. За МВП на првенството првпат е прогласен Данец, Матијас Гидсел, кој е и најдобар стрелец на годинашното континентално првенство
Машката репрезентација на Данска е на врвот на ракометна Европа. Третпат, откако во финалето на 17. Европско првенство за мажи (ЕП) на свој терен во градот Хернинг, пред 15.000 бучни гледачи, ја победи Германија со 34-27. Требаше да поминат 14 години за повторно Данците го освојат пехарот, откако тоа го сторија во 2012 година во Србија, а првпат во 2008 година во Норвешка. Германија, која беше четврта на претходното ЕП, го освои сребрениот медал, втор во нејзината историја (првиот во 2002 година), а бронзата ја освои Хрватска, која го совлада Исланд со 34-33, што е четврти во нивната трофејна колекција од вкупно седум медали. Со овој успех Данска во еден циклус ги обедини европската (освоена годинава), светската (во 2025 година) и oлимписката титула (во 2024 година).
Левиот бек на Данска, Матијас Гидсел (26), е прогласен за најкорисен (МВП) играч на ЕП 2026, но воедно постави и нов рекорд на континенталните шампионати постигнувајќи 68 гола. Претходниот рекорд (65) беше сопственост на Норвежанецот Сандер Сагосен.
Долг и кривулест беше патот до третиот трофеј на ЕП за Данците. Во 2019 година неверојатната низа на трофеи на Данска на СП почна кога ја победи Норвешка во финалето. Следуваа уште три трофеи во низа на глобалната сцена (2021, 2023, 2025). Во 2021 година тие обезбедија сребро на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио. Три години подоцна ја победија Германија во олимпиското финале, по првото злато во 2016 година. Дури и откако легендите Микел Хансен и Никлас Ландин се повлекоа од националниот тим по Игрите во Париз во 2024 година, тие продолжија да победуваат. Единствените исклучоци во претходните години се ЕП 2022, кога освоија бронза, и две години подоцна, кога освоија сребро. Годинава сѐ беше подготвено за да се комплетираат трите титули. Со враќањето на Арнолдсен, тимот на Николај Јакобсен се врати на вистинскиот пат. Видно потресени од поразот во прелиминарната рунда од Португалија, домаќините тешко остварија победа над бранителот на титулата Франција за отворање на главната рунда. Со осум победи во девет натпревари и шест од почетокот на главната рунда, Данска заслужи шампионска титула, пишува Европската ракометна федерација (ЕХФ).
– Финалниот натпревар беше навистина тежок. Имавме шанса по 15 минути да ја зголемиме предноста, но Андреас Волф беше неверојатен на голот. За среќа, конечно успеавме да постигнеме неколку гола. Дури во последните четири или пет минути беше решен победникот – рече Јакобсен, пренесе ЕХФ.
ГИДСЕЛ: ОДИГРАВМЕ НЕВЕРОЈАТЕН ТУРНИР
Трикратен светски шампион, олимписки првак, а сега првпат европски шампион, десниот експлозивен бек Матијас Гидсел остави белег на ЕП 2026 со своите 68 гола и неговата бескрајна волја за игра.
– Многу сме среќни. Бевме под огромен притисок. Секој секогаш очекува златни медали кога играме. Сега ги имаме сите три трофеи. Одигравме неверојатен турнир. Се справивме со многу проблеми. Можеби бевме малку несигурни во споредба со другите настани, но конечно сме на подиумот. Тоа е она што е важно. Среќен сум и горд на мојот тим, на сите навивачи. Ова беше вистински тимски успех – рече Гидсел по триумфот, пренесе ЕХФ.
Иако двапати ја освоија титулата, никогаш порано Данец не бил МВП на ЕП за мажи. Ниту Микел Хансен, ниту Никлас Ландин, ниту Ханс Линдберг. Пред две години Гидсел беше најдобар стрелец на ЕП, но Французинот Недим Ремили ги освои наградата за МВП и трофејот.
Списокот со награди на тивкиот, но експлозивен десен бек на Фуксе Берлин, Гидсел, е огромен: светски играч на годината на ИХФ за 2023 и за 2024 година, МВП за извонредност на ЕП 2025, најдобар стрелец во Лигата на шампионите во сезоната 2024/2025, МВП на сезоната 2024/2025 на германската Бундеслига… Плус, од неговото деби во националниот тим во 2021 година тој е петкратен МВП на големи настани и петкратен најдобар стрелец на големи натпреварувања, беше и номиниран за неколку номинации во олстар-тимот, а со Данска тој собра пет злата, две сребра и една бронза. Гидсел не можеше да биде запрен на ова ЕП, ниту од неговите противници, ниту од Јакобсен, кој постојано се обидуваше да му даде на Гидсел неколку минути одмор. Со речиси 500 минути на теренот во девет меча, Гидсел имаше најдолго време поминато на теренот.
СЛЕДНИ ТУРНИРИ
ЕХФ и организаторите на турнирот одржаа прес-конференција, на која организаторите на претстојните настани на ЕП ги претставија своите турнири. Од 3 до 20 декември годинава, Полска, Романија, Чешка, Словачка и Турција ќе бидат домаќини на следното ЕП за ракометарки. Претставници од Турција, Романија и Полска дадоа информации за турнирот, кој ќе биде најголемиот женски спортски настан во Европа годинава, со арени што ќе сместат помеѓу 5.360 и 13.300 гледачи. Поранешниот ракометар што победил во ЛШ, Виктор Томас, и претседателите на трите федерации-организатори потоа го претставија машкото ЕП 2028, кое го организираат Швајцарија, Шпанија и Португалија. Мотото на турнирот е „Ослободи го моментот“. Новата арена во Цирих, со капацитет од 12.000 седишта, ќе биде место за две групи од прелиминарната рунда во Швајцарија, Лисабон ќе биде домаќин на две групи од прелиминарната рунда и групата од главната рунда, а шпанските места ќе бидат Валенсија и Мадрид, а еден од нив ќе биде домаќин на финалниот викенд.
Првиот потпретседател на ЕХФ, Предраг Бошковиќ, кој рече дека се чувствувал како да е „дома“ по 20 дена во Хернинг, рече дека тоа бил тежок предизвик за Данска, Шведска и за Норвешка, по рекордното ЕП 2024 во Германија.
– Сите три домаќини навистина испорачаа резултат. Осло претстави одлична слика со повеќе од 7.000 навивачи од Фарските Острови. Кристијанстад виде многу навивачи од Исланд, беше видена и првата победа за Италија од 1998 година, а главната рунда во Малме беше најнеизвесна група – рече Бошковиќ, пренесе ЕХФ. Г.И.
НАЈДОБАР ТИМ НА ЕП 2026
Голман: Андреас Волф (Германија)
Лево крило: Аугуст Педерсен (Норвешка)
Лев бек: Симон Питлик (Данска)
Среден бек: Гисли Кристјансон (Исланд)
Десен бек: Франциско Коста (Португалија)
Десно крило: Марио Шоштариќ (Хрватска)
Линиски играч: Јоханес Гола (Германија)
Одбранбен играч: Салвадор Салвадор (Португалија)
Млад играч: Франциско Коста (Португалија)
МВП: Матијас Гидсел (Данска)
Нај, нај на ЕП 2026
Најдобар стрелец на Европското првенство (ЕП) за ракометари е Матијас Гидсел (Данска) со 68 гола од 95 шута (71,6 отсто) на девет меча. Најмногу асистенции оствари Фисли Кристијансон (Исланд), вкупно 62 (6,89 по меч). Најдобар голман е Андреас Голф (91 одбрана од 285 шута, 31,93 отсто). Најбрз шут упати Миро Шрулов (Германија) со 134,28 км/ч. Најдолго на теренот останал Гидсел, осум часа и 20 минути на вкупно девет меча. Тимски најдобра ефикасност оствари Данска со 306 гола од 427 шута (71,7 отсто), потоа се Исланд со 296/427 (69,3 отсто), Германија со 275/438 (62,8 отсто)…
Пред финалето на ЕП 2026 е избран олстар-тимот на турнирот по гласовите на илјадници гледачи и мислења од експертски панел, кој привлече речиси 12.000 гласа. Во тимот се играчи од шест селекции, вклучувајќи ги финалистите Данска и Германија. Матијас Гидсел е првиот Данец на листата на најкорисен играч на ЕП. Голманот Волф повторно се најде во олстар-составот, откако беше избран на ЕП во 2024 и во 2016 година. Г.И.
































