Неговиот напредок во минатите шест години беше брз и импресивен. Од тимот до 17 години, директно заигра за тој до 19 години, што е ретка транзиција за играч на „Ла Масија“. Забележа само три настапи за Б-тимот, пред да биде префрлен во првиот тим, а лани стана најмладиот репрезентативец на Шпанија, на возраст од 17 години и 62 дена

ФУДБАЛ

Фудбалерот од средниот ред на Барселона, Гави (17), е производ на познатата клупска академија „Ла Масија“. Тој е технички надарен, но и доста борбен. Роден е во близината на Севилја, а во Барса е од 11-годишна возраст, од академијата на Бетис. Неговиот напредок во минатите шест години беше брз и импресивен. Од тимот до 17 години, директно заигра за тој до 19 години, што е ретка транзиција за играч на „Ла Масија“. Забележа само три настапи за Б-тимот, пред да биде префрлен во првиот тим.
Тој беше играч на мечот на дебито дома со Леванте и асистираше за израмнувањето во последната минута против Гранада, покажувајќи голема смиреност. Импресивната форма во клубот потоа се префрли и на меѓународната сцена кога лани во октомври стана најмладиот репрезентативец на Шпанија, на возраст од 17 години и 62 дена. Во текот на 83-те минути додека беше на теренот, тој имаше забележлива улога во прекинувањето на серијата без пораз на Италија во победата со 2-1 во полуфиналето на Лигата на нациите, се наведува во статијата на „Би-би-си“, која е дел од серијалот за моментно најдобрите млади фудбалери во Европа и во светот.
– Гави е многу натпреварувачки настроен, не може да губи на домино или на карти без да не покаже нервоза, но тоа е она што го донесе до првиот тим. Потребни ви се такви особини за да ги поминете фазите што треба да ги поминете во академијата на Барселона како млад талент. Во неговиот случај, станува збор за повеќе прескокнати нивоа. На 15 години почна да игра со 17-годишниците и одигра повеќе мечеви во првиот отколку во Б-тимот. Откако навлезе во новата фаза, целосно е смирен. Ова е местото каде што припаѓа. Негов идол е Андрес Иниеста, но неговиот напредок го споредувам со тој на Лионел Меси, кој, исто така, дебитира на 17 години. Немаше никаков проблем со прифаќањето на Меси во првиот тим, а на ист начин беше примен и Гави. Тој сака да биде насекаде на теренот. Видете ја статистиката, тој е еден од оние што најмногу трчаат. Гави има договор до 2023 година, Барса сака да го продолжи. Неговата откупна клаузула е само 15 милиони евра, но тој сака да остане на „Ноу камп“. И верува дека ќе биде легенда на Барселона – вели Гилем Балаге, шпанскиот новинар, специјалист за фудбал.