Сезонава Фулам игра одлично, на 27 меча веќе постигна 73 гола, а прими само 25. Фулам е најефикасен тим во европскиот клупски фудбал и има 12 гола повеќе од Баерн

ФУДБАЛ – ЧЕМПИОНШИП

Лондонски Фулам, лидерот во Чемпионшип, втората по квалитет фудбалска лига во Англија (по Премиер-лигата), сезонава игра одлично, на 27 меча веќе постигна 73 гола (прими 25), што е гол-разлика од плус 48, колку што нема постигнато ниту еден друг тим во првенството, се наведува во статијата на весникот „Телеграф“. Тоа е само еден од фактите сезонава поврзани со Фулам. Покрај огромната гол-разлика, Фулам е најефикасен тим во европскиот клупски фудбал и има 12 гола повеќе од Баерн.
Можеби најинтересно од сѐ е тоа што станува збор за истата екипа што минатата сезона испадна од Премиер-лигата, забележувајќи само пет победи и освојувајќи 28 бода, 11 помалку од 17-от Барнли. На претходните четири натпревари, Фулам постигна 22 гола (Рединг 7-0, Бристол и Бирмингем по 6-2, и Стоук 3-2). Фулам стана првиот второлигаш што во последните 68 години постигнал шест или повеќе гола на три последователни натпревари. Ако продолжат во ист или сличен стил, тие сезоната би ја завршиле со над 120 погодока, повеќе од постигнатите голови во Премиер-лигата на легендите како Стивен Џерард, Двајт Јорк или Дидие Дрогба.
Менаџерот на Фулам, Португалецот Марко Силва, изгледа опуштено и е свесен за „добриот момент“ во кој се наоѓа неговиот тим. Тој вели дека не го интересира соборувањето рекорди, битно му е само повторното враќање во Премиер-лигата. Кога ќе се постигне тоа (не „ако“), тој ќе размислува за тоа што му треба на Фулам за да избегне уште една слична сезона како ланската.

Ставајќи го настрана неуспешниот период во Евертон, за Силва може да се каже дека е модерен менаџер, сериозен по тон, темелен во пристапот кон работата. Тој го искористи талентот на неговиот тим, за разлика од повнимателниот стил на претходникот Скот Паркер минатата сезона, кој имаше несреќна комбинација на мрачен за гледање тим и игра, и лесен за победување. Дали Силва ужива во тоа што му се случува моментов?
– Не сум тип менаџер што ќе биде опуштен покрај аут-линијата, имам поинаков начин на гледање на работите. Не сум најопуштениот или најекспресивен тип, но секогаш сакам да ги гледам само добрите работи на теренот. Сакам да ги видам работите што сме ги планирале и на кои сме работеле секојдневно на тренинзите – вели тој.
На мечот со Бирмингем, противникот се фокусираше на тоа како да го запре Александар Митровиќ. Тоа им успеа, тој не постигна ниту еден гол, но четворица други играчи на Фулам го сторија тоа и на полувремето беше 4-1.
– Лесно е кога добивате натпревар со голема разлика, тогаш можете да пробате работи што не сте ги направиле дотогаш, индивидуални работи, како на пример, кога играчите се обидуваа да дриблаат кога немаше потреба за тоа. Се држиме до она што го правиме вообичаено и затоа продолжуваме да постигнуваме голови – вели Силва.
Очекувано, уживаат и гледачите. Мет Бојсклер го претставува поткастот Фулам фокус.
– Годинава е поинаку, победуваме со голема разлика и играме многу добро. Има одлична поврзаност помеѓу играчите и публиката. Мразам кога сме во Премиер-лигата. Таму ѝ се приклучувате на групата од шест или седум екипи на дното и играте во таа мини-лига. Му гостуваш на Манчестер сити и знаеш дека ќе бидеш растурен.

Идеалното сценарио би било да бидеме први во Чемпионшип, потоа да останеме во Премиер-лигата и тоа да го повториме следната година – вели тој.
Гледајќи ги неодамнешните натпревари на Фулам, се издвојуваат различните начини на постигнување голови. Имаше прекрасни голови со удари од далечина, потоа од прекини, од слободни удари, по корнери, како и по одличната реализација на Митровиќ. Том Керни ги влече конците на средината на теренот, Фабио Карваљо во нападот им поставува прашања на противничките тимови на кои тие немаат одговори, а одличен е и поранешниот крилен напаѓач на Ливерпул, Хари Вилсон. Едноставно тие изгледаат предобро за противниците, како училиштен тим кога игра со помлади за една година.