ФЛОРЕНТИНО ПЕРЕЗ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕАЛ МАДРИД

Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, верува дека фудбалот е „болен“ и тврди дека воскреснувањето на проектот на европската суперлига би бил еден од начините да му се врати здравјето, пишува „Би-би-си“

Шпанскиот гигант беше еден од десетината клубови што во април минатата година беа иницијатори за формирање суперлига, која неславно пропадна по гневните реакции на навивачите на шесте англиски клуба, Арсенал, Челси, Тотенхем, Ливерпул, Манчестер сити и Манчестер јунајтед, кои веднаш се повлекоа. Но Реал, заедно со Барселона и со Јувентус, одби да се откаже од идејата, а Перез својата поддршка за проектот ја повтори и на годишното генерално клупско собрание.
– За да решите проблем, прво треба да препознаете дека имате проблем. Нашиот сакан спорт е болен, го губи лидерството како глобален спорт. Веруваме дека европските натпреварувања мора да се променат, за да им понудат на навивачите натпревари на највисоко ниво во текот на целата година, меѓу најсилните тимови со најдобрите играчи – истакнува Перез.

Тој вели дека е „запрепастувачки“ тоа што Реал и Ливерпул, ланските финалисти во Лигата на шампионите (ЛШ), кои се меѓу најуспешните европски тимови, меѓу себе играле само девет пати во 67-те години европски натпреварувања, и тоа само трипати во Мадрид.
– Во тенисот Рафаел Надал и Роже Федерер меѓу себе играа 40 пати во 15 години. Надал и Новак Ѓоковиќ играле 59 пати во 16 години. Дали тоа е здодевно? Нивните историски дуели го зголемија интересирањето за тенисот како целина, тоа треба да ни послужи како пример – вели Перез. Л.Д.