Фото: ЕПА

Најдобар млад фудбалер е Кол Палмер, додека најдобра фудбалерка Кадија Шо

ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА

Крилниот напаѓач на Манчестер сити и репрезентативец на Англија, Фил Фоден (24), ја доби наградата за најдобар фудбалер во англиската Премиер-лига за минатата сезона во изборот во Асоцијацијата на професионални фудбалери на Англија (ПФА), на свеченоста што се одржа во Лондон. Тој во ланското првенство настапи на 35 натпревари, на кои 19 пати ја затресе противничката мрежа, а неговиот клуб Манчестер сити по четврти пат во низа стана шампион на Англија.
За најдобар млад фудбалер во Премиер-лигата е прогласен играчот од средниот ред на Челси, Кол Палмер (22), кој е и втор стрелец во лигата за ланската сезона и втор на листата на асистенции. Негови најголеми конкуренти за ова признание беа Алехандро Гарначо и Коби Мејно (двајцата Манчестер јунајтед), Букајо Сака (Арсенал), Жоао Педро (Брајтон) и Мајкл Олисе (Кристал палас).
За најдобра фудбалерка, пак, за минатата сезона е прогласена Јамајчанката Кадија Шо од Манчестер сити.
Идеалниот тим во Премиер-лигата за минатата сезона во изборот на ПФА го сочинуваат: Давид Раја (Арсенал), Кајл Вокер (Манчестер сити.), Габријел Магаљаеш (Арсенал), Вирџил ван Дајк (Ливерпул), Вилијам Салиба (Арсенал), Деклан Рајс (Арсенал), Родри (Манчестер сити), Мартин Одегор (Арсенал), Фил Фоден (Манчестер сити), Оли Воткинс (Астон Вила) и Ерлинг Халанд (Манчестер сити). Г.И.