Со повелбата треба да се заштити приватноста на професионалните фудбалери и да им се овозможи да имаат корист од личните права за управување и за пристап до информациите за нивните перформанси и за здравјето. „Професионалните фудбалери ги имаат истите права на податоци како и сите други. Тие мора да имаат пристап и контрола за тоа кога и како се користат чувствителните податоци за нив“, вели Александер Билефелд, директор на ФИФПРО за глобална политика и стратегиски односи
Синдикатот на професионални фудбалери (ФИФПРО) објави повелба за правата на податоците на играчите, за да се имплементираат глобалните индустриски стандарди со кои ќе се заштити приватноста на професионалните фудбалери и ќе им се овозможи да имаат корист од личните права за управување и за пристап до информациите за нивните перформанси и за здравјето. Овие стандарди означуваат важна почетна точка за понатамошни колективни решенија помеѓу синдикатите на играчи и фудбалските чинители на домашните пазари и ги дефинираат интересите и законските права на играчите во однос на нивните лични податоци, наведува ФИФПРО.
Повелбата е изработена во соработка со Светската фудбалска федерација (ФИФА). Тие две организации ќе продолжат да работат на развивање индустриски стандарди и на прагматични решенија за заштита, собирање и користење на податоците на играчите. Фудбалерите, инволвираните во фудбалската индустрија и заинтересираните трети страни имаат заеднички клучни интереси во користењето на најсовремената наука и најсовремената технологија за да се подобрат перформансите на играчите и да се подобри играта. Повелбата дава одговори на предизвиците поврзани со новите технологии и се базира на законите за заштита на податоците и на правата на приватност. Новите технологии можат да влијаат врз играчите на повеќе начини, преку следење на нивните перформанси, при преговорите за договори, преку технологијата што се користи на мечевите, како и во врска со ангажирањето на гледачите. Проширувањето на пристапноста и зголемувањето на технолошката прецизност, на пример, ќе овозможат напредна анализа на спортските перформанси и физичката состојба, користејќи здравствени и биометриски податоци, пишува ФИФПРО.
Осумдесет проценти од фудбалерите анкетирани од ФИФПРО изјавија дека сакаат да имаат пристап до своите податоци за да ги подобрат перформансите на теренот. Но играчите се загрижени за тоа како се собираат и користат нивните податоци. Во сложениот сектор, кој брзо се развива, тие често не се сигурни за своите права и за тоа како да ги заштитат. Во однос на нивните лични податоци, повелбата јасно кажува дека сите професионални фудбалери треба да имаат право да бидат информирани, право на пристап, отповикување, ограничување на обработката, преносливост на податоците, исправка, жалба и на бришење, пишува ФИФПРО. Како што податоците стануваат сѐ повредни за оние што работат во и околу професионалниот фудбал, не само за играчите и за клубовите, туку и за организаторите на натпреварувањата, доставувачите на технологијата, медиумите и индустриите за забава, потребата за јасни и применливи правила стана итна, пишува ФИФПРО.
– Професионалните фудбалери ги имаат истите права на податоци како и сите други. Тие мора да имаат пристап и контрола за тоа кога и како се користат чувствителните податоци за нив. Повелбата поставува заеднички индустриски стандарди, кои треба практично да се имплементираат за да им помогнат на играчите да управуваат и да ги применат своите права, да го минимизираат конфликтот и да воспостават фер и одржлива основа за оваа област во нашиот спорт на домашно и на меѓународно ниво – вели Александер Билефелд, директор на ФИФПРО за глобална политика и стратегиски односи. Л.Д.