ФУДБАЛ
- Со системот „Надвор од игра“ може да се утврди дали топката излегла надвор од игра пред да биде постигнат гол, а ФИФА ја прошири апликацијата „Три-Д креација во реално време“ за да ги направи процените за офсајди побрзи и појасни
Светската фудбалска федерација (ФИФА) тестира нова технологија, која може да утврди дали топката излегла надвор од игра пред да биде постигнат гол, а таа иновација, „Надвор од игра“, е една од серијата што беше тестирана на три натпревари од Интерконтиненталниот куп во Катар овој месец. ФИФА, исто така, ја прошири апликацијата „Три-Д креација во реално време“ за да ги направи процените за офсајди побрзи и појасни.
– Користејќи го електронскиот систем за перформанси и за следење, кој користи 16 оптички камери инсталирани под покривот на стадионот, службените лица добиваа известувања за офсајд во реално време врз основа на 29 точки на податоци по играч, снимени 50 пати во секунда, како и прецизната локација на топката. Официјалните топки за натпреварот беа опремени и со сензор што обезбедува 500 точки на податоци во секунда, помагајќи му на ВАР во одредувањето на контактот на играчот со топката и точниот момент на удар. Оваа технологија конкретно ги поддржуваше службените лица на натпреварите со брзи и точни одлуки за офсајд и нудеше автоматски известувања за потенцијално пречекорување на голманот за време на изведување пенали – пишува Светската фудбалска федерација.
Технологијата „Надвор од игра“ првпат беше тестирана офлајн, како и технологијата „Три-Д креацијата во реално време“, која обезбеди два виртуелни преноса за ВАР што ги реплицираа погледите на двајцата голмани.
Технологијата „Надвор од игра“ ги користи истите точки на податоци за следење и конфигурации како напредната полуавтоматизирана технологија за одредување офсајд и е наменета брзо да го информира ВАР дали топката излегла надвор од игра во подготовката за постигнување гол. Случај во првото полувреме од финалето на Интерконтиненталниот куп, каде што топката го напуштила теренот пред да биде постигне погодок, даде добар пример како таквата нова технологија може да се користи во иднина, пишува ФИФА.
„Три-Д креацијата во реално време“ обезбеди виртуелни информации за ВАР и за телевизиските гледачи. На овој турнир, два виртуелни преноса што ги реплицираа перспективите на двата голмана понудија вредни сознанија за ситуации како што се проверки на линијата на гледање или утврдување дали топката е надвор од игра, подобрувајќи го донесувањето одлуки со ВАР и помагајќи им на телевизиските гледачи подобро да ги разберат судиските одлуки.
На годинашниот Интерконтинентален куп повторно беше користена и напредната полуавтоматизирана технологија за одредување офсајд, веќе официјално тестирана на клупското Светско првенство годинава, како и на други турнири на Светската фудбалска федерација низ целиот свет.
Овој систем им обезбедува на помошните фудбалски судии моментни аудиоизвестувања кога ќе се случи офсајд-позиција на теренот, значително забрзувајќи го процесот на донесување одлуки за офсајд. Ова можеше да се види за време на натпреварот Круз Азул – Фламенго на Интерконтиненталниот куп, кога веднаш беше поништен гол поради офсајд, без долго одложување за потврда на одлуката за офсајд, пишува ФИФА. Н.М.

































