ФУДБАЛ

Навивачите низ светот побараа 17 милиони билети за натпреварите на финалниот турнир на Светското првенство (СП) во Катар годинава преку онлајн, објави Светската фудбалска федерација (ФИФА). Високите цени на билетите за најдобрите места, кои чинат и до 1.600 долари (за финалето), не ги одвратија љубителите на фудбалот. „Навивачите низ светот го докажаа својот ентузијазам“, соопшти ФИФА.
Побарувачката за билети е најголема од земјата домаќин, Катар. Но ФИФА соопшти дека е „преплавена“ и со барања од Аргентина, Бразил, Англија, Франција, Индија, Мексико, Саудиска Арабија, ОАЕ и од САД. Организаторите соопштија дека вкупно ќе бидат достапни околу 3,3 милиони билети за сите натпревари. Жителите на Катар, како и армијата работници мигранти, се во нешто поповластена позиција, билет за помалку интересните натпревари ќе ги чини 11 долари.
Околу 1,8 милион барања за билети се само за финалето што треба да се одигра на стадионот „Лусаил“, на 18 декември. Тој стадион треба да биде завршен следниот месец и е со капацитет од 80.000 седишта. Билетите за тој меч ќе чинат од 165 долари, за некои жители на Катар, па до 1.600 долари. Највисоката цена е повисока за повеќе од 45 отсто од онаа за финалето во 2018 година во Русија, на кое победи Франција. Најевтините билети за финалето за навивачите од странство ќе чинат 600 долари, што е за една третина поскапо од минатото СП, на што веќе се пожалија некои навивачки групи.

ФИФА, која очекува заработка од над 500 милиони долари од билетите, ТВ-правата и други комерцијални зделки, соопшти дека ќе следува проверка на апликациите за билетите. Потоа, преку компјутерска лотарија, ќе бидат познати навивачите добитници на билети, најдоцна до 8 март.
Катар се подготвува за „поплава“ од посетители на мечевите на првото СП во арапскиот свет и прво што наместо во лето ќе одржува во зима, поради високите летни температури во Заливот. Малата држава очекува околу 1,2 милион посетители во ноември и во декември, но бидејќи нема доволно хотелски капацитети, илјадници навивачи ќе мора да бидат сместени на бродови за крстосување.
Катарците потрошија неколку милијарди долари за изградбата на седум нови стадиони и за реновирање еден, сите во радиус од 50 километри од центарот на Доха. ФИФА и организаторите не кажаа што ќе направат доколку пандемијата на ковид-19 повторно ескалира, но инсистираат дека имаат планови.