Судот пресуди дека правилата на УЕФА и на ФИФА со кои се дава претходно одобрение за нови натпреварувања се спротивни на законите на ЕУ. Обновените планови за европската Суперлига веднаш беа објавени, а следуваа и реакции на А22, УЕФА, Барселона, Реал Мадрид, Манчестер јунајтед, Баерн…
ФУДБАЛ
Од Големиот совет на Европскиот суд на правдата беше побарано да одлучи дали Европската фудбалска унија (УЕФА) и Светската фудбалска федерација (ФИФА) постапиле спротивно на законот за натпреварување со блокирање на формирањето на европската Суперлига во 2021 година, барајќи да ги санкционираат и вклучените клубови, а судот сега пресуди дека правилата на УЕФА и на ФИФА со кои се дава претходно одобрение за нови натпреварувања се спротивни на законите на Европската Унија (ЕУ), но додаде дека натпреварувањето можеби уште нема да биде одобрено, пишува „Скај спорт“. Обновените планови за европската Суперлига беа објавени откако највисокиот суд пресуди дека забраната за пристапување на клубовите во отцепена лига е незаконска. Предлогот е лигашки систем за мажи со 64 клуба во три лиги, со учество врз основа на спортски заслуги и без постојани членови, а во женската конкуренција би биле вклучени 32 клуба од две лиги, објави „Би-би-си“. Во предлогот уште не се објавени клубовите или паричните награди.
А22, УЕФА…
Случајот беше поведен од Суперлигата, за тоа дека УЕФА и ФИФА го прекршуваат законот за конкуренција со закана дека ќе ги санкционираат оние што ѝ се приклучија на отцепената лига. Во четвртокот највисокиот суд во Европа донесе одлука, но рече дека тоа не значи дека таа лига „нужно ќе биде одобрена“, пишува Би-би-си“. Но пресудата ја отвори вратата за нови предлози. Сагата на Суперлигата почна во април 2021 година, кога се појави веста дека 12 тима се пријавиле за настап во ново натпреварување, по што имаше широк отпор од навивачите, европските домашни лиги, што доведе до колапс на плановите во рок од 72 часа, пишува „Би-би-си“. Оригиналниот предлог на Суперлигата за 2021 година беше критикуван поради неговиот „затворен“ формат, при што 15 клуба основачи беа имуни од испаѓање. По пресудата, А22, компанија формирана за да помогне во создавањето на европската Суперлига, објави детали за својот најнов концепт, во машка и во женска конкуренција со промоција и со испаѓање.
– Добивме право да се натпреваруваме. Монополот на УЕФА заврши. Фудбалот е слободен. Клубовите сега се ослободени од заканата за санкција и сами ја одредуваат својата иднина. За навивачите: предлагаме бесплатно гледање на сите натпревари од Супер лигата. За клубовите: приходите и трошењето за солидарност ќе бидат загарантирани – напиша на „Х“ (порано Твитер) извршниот директор на А22, Бернд Рајхарт, пренесе „Скај спорт.
УЕФА објави дека ја зема предвид пресудата во случајот на европската Суперлига.
– Оваа пресуда не означува одобрување или потврдување на таканаречената „суперлига“, таа попрво го нагласува постојниот недостиг во рамката за претходно овластување на УЕФА, технички аспект што веќе е признаен и адресиран во јуни 2022 година. УЕФА е уверена во робусноста на своите нови правила, а особено дека тие се усогласени со сите релевантни европски закони и прописи. УЕФА останува одлучна во својата заложба да ја поддржува европската фудбалска пирамида, осигурувајќи дека таа продолжува да им служи на пошироките интереси на општеството. Ќе продолжиме да го обликуваме европскиот спортски модел колективно со националните асоцијации, лигите, клубовите, навивачите, играчите, тренерите, институциите на ЕУ, владите и партнерите. Веруваме дека европската фудбалска пирамида заснована на солидарност, која навивачите и сите засегнати страни ја прогласија за нивен незаменлив модел, ќе биде заштитена од заканата од отцепување со европските и националните закони – пишува в соопштението на УЕФА.
БАРСЕЛОНА, РЕАЛ МАДРИД, МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД, БАЕРН…
Во меѓувреме, Барселона соопшти дека „сака да изрази задоволство“ од пресудата.
– Ние веруваме дека дојде време од клубовите, а уште повеќе оние што се во сопственост на нивните членови, како што е Барселона, да имаат поголема контрола врз својата судбина, врз нивната иднина и над сопствената одржливост. Пред сѐ, сакам да кажам многу јасно дека позицијата на Барселона за прашањето за новиот формат на европската лига нема намера да оди против шпанската лига или против националните лиги воопшто. Напротив, со ново, подобрено европско натпреварување и со повеќе ресурси за клубовите, националната лига ќе стане порамномерна и поконкурентна. Она што го сакаме и кон што ќе работиме е да воспоставиме отворен, конструктивен дијалог за да генерираме позитивни и продуктивни односи меѓу сите страни. Веруваме дека од овој момент е отворена историска можност да се обидеме да покажеме дел од сериозниот проблем што моментно ја загрозува иднината на одржливоста на огромното мнозинство клубови. Во согласност со оваа идеја, Барселона се обидува да промовира иновативни методи за да се обиде да ги подобри европските натпреварувања во отворен и целосно меритократски формат, правејќи го фудбалот поодржлив за самите клубови, многу поподдржувачки за аматерскиот фудбал, поатрактивен и уште попристапен за гледачите ширум светот. Овој предлог, инсистирам, има цел да го подобри европскиот фудбал во целина, и за мажи и за жени – рече претседателот на клубот Жоан Лапорта, говорејќи во телевизиска изјава, пренесе „Скај спорт“.
Реал Мадрид ја поздрави одлуката.
– Целосно е признаено дека клубовите имаат право да предлагаат и да промовираат европски натпревари што го модернизираат нашиот спорт и привлекуваат навивачи од целиот свет. Денес триумфира Европа на слободите, а триумфираа и фудбалот и неговите навивачи – рече претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, пренесе агенцијата „Асошиејтед прес“.
Германскиот Баерн објави изјава на Јан Кристијан Дрисен, извршен директор на Баерн и потпретседател на Европската клупска асоцијација (ЕЦА).
– Ние ја забележавме пресудата на Европскиот суд на правдата. Сепак, тоа не ја менува позицијата на ФК Баерн и на ЕЦА дека ваквото натпреварување би било напад на важноста на националните лиги и на структурата на европскиот фудбал. Бундеслигата е основата на ФК Баерн, исто како што сите национални лиги се основа на другите европски фудбалски клубови. Затоа наша должност и наше длабоко убедување е да ги зајакнеме, а не да ги ослабиме. Посветени сме и на европските клупски натпреварувања под капата на УЕФА. Така, дозволете ми уште еднаш да појаснам дека вратата за Суперлигата останува затворена во ФК Баерн – рече Дрисен.
Слична изјава даде и Манчестер јунајтед.
– Нашиот став не е променет. Остануваме целосно посветени на учеството во натпреварите на УЕФА и на позитивната соработка со УЕФА, Премиер-лигата и со колегите клубови преку ЕЦА за континуиран развој на европската игра – пишува на интернет-страницата на Манчестер јунајтед, пренесе „Би-би-си“.
Британската влада соопшти дека ќе донесе закон за спречување на англиските фудбалски клубови да се приклучуваат на отцепено натпреварување, пишува „Би-би-си“. Соопштението на Одделот за медиуми, култура и за спорт беше одговор на одлуката на Европскиот суд на правдата.
– Обидот да се создаде отцепено натпреварување беше одлучувачки момент во англискиот фудбал и беше универзално осуден од навивачите, клубовите и од владата. Презедовме решителна акција во тоа време со активирање на прегледот на фудбалското владеење предводен од навивачите, кој повика на создавање нов независен регулатор за англискиот фудбал. Наскоро ќе донесеме легислатива што ќе го направи ова реалност и ќе ги спречи клубовите да се приклучуваат на какви било слични отцепени натпреварувања во иднина – се вели во соопштението, пренесе „Би-би-си“.
Предложено ново натпреварување со три лиги, за вкупно 64 клуба, со промоција и со испаѓање
Предлогот од А22 вели дека новото натпреварување ќе ги вклучи врвните клубови на континентот. Во машка конкуренција, највисоките нивоа, Ѕвездената лига и Златната лига, би се состоеле од 16 екипи, а Сината лига, долниот дел, би имала 32 клуба со промоција и испаѓање помеѓу секое ниво, пишува „Би-би-си“. Најдобрите осум екипи од секоја лига одат во нокаут-фазата, со четврт-финалиња и полуфиналиња во два натпревари и финалиња на неутрален терен. Последните 20 екипи во Сината лига целосно ќе испаднат од натпреварувањето и ќе бидат заменети со клубовите со најдобри перформанси од европските домашни лиги. Двата тима кои ќе влезат во финалето на Златната и на Сината лига ќе бидат се пласираат во едно ниво погоре, а двата тима кои ќе завршат на дното на Ѕвездената лига и на Златната лига ќе испаднат во едно ниво подолу. Натпреварите ќе се играат во средината на неделата. Сличен модел би имало и во женска конкуренција. Н.М.