На „Олд Трафорд“, Англија ја совлада Австрија со 1-0, на натпревар на кој беше соборен рекорд за посетеност на меч на ЕП. Пред почетокот на турнирот, пак, беа продадени рекорден број влезници, 517.000, а посетеноста на еден натпревар на ЕП би требало да биде соборена барем уште еднаш, оти „Вембли“ со 90.000 места одамна е распродаден за финалето. Рекорден број гледачи на натпревари во фудбал за жени се забележани токму годинава, на стадионот „Ноу камп“. Фудбалот за жени бележи најголем напредок меѓу спортовите претходниве години и во моментов е главен приоритет за ФИФА

На отворањето на 13. Европско првенство (ЕП) за фудбалерки, првиот натпревар помеѓу домаќинот Англија и Австрија (1-0) на стадионот „Олд Трафорд“ во Манчестер го проследија рекордни 68.781 гледач за ЕП. Таквата посетеност е најголема во историјата на завршница на континентално првенство, значително поголема од 41.301 гледач на финалето на ЕП 2013 во Солна (Шведска), кога Германија ја победи Норвешка со 1-0.
Претходната рекордна посетеност, 29.092 гледачи, беше забележана на мечот во групната фаза на ЕП 2005, Англија – Финска (3-2), повторно во Манчестер, но на стадионот „Етихад“ на Манчестер сити.
Посетеноста на „Олд Трафорд“, сепак, не е рекорд за натпревар во фудбал за жени во Англија, која изнесува 80.203 гледачи на финалето на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2012 година во Лондон, помеѓу САД и Јапонија (2-1) на стадионот „Вембли“. Но со оглед на фактот дека „Вембли“ со 90.000 места одамна е распродаден за финалето на ЕП 2022, на 31 јули и тој рекорд наскоро ќе биде надминат. Згора, пред почетокот на турнирот беа продадени рекордни за едно ЕП, 517.000 влезници, од вкупно 700.000, двојно повеќе од ЕП 2017 во Холандија (247.041).
Рекорден број гледачи на женски фудбалски натпревари воопшто се забележани годинава, на стадионот „Ноу камп“ во Барселона. Реваншот во четврт-финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) во март, Барселона – Реал Мадрид (5-2), го проследија 91.553 гледачи, а првиот полуфинален натпревар во ЛШ, во април, Барселона – Волфсбург (5-1), го гледаа 91.648 гледачи. Слична бројка, 90.185 гледачи, е забележана на стадионот „Роуз бол“ во Лос Анџелес, на мечот САД – Кина (5-4, на пенали), на Светското првенство во 1999 година.

Фудбалот за жени бележи најголем напредок меѓу спортовите претходниве години и во моментов претставува главен приоритет за Светската фудбалска федерација (ФИФА), на сите нивоа, поради страста и зголемената популарност што е огромен, неискористен потенцијал. Затоа ФИФА инвестира на финансиски и на човечки план, на стручно усворшување, во иновативни, приспособени развојни програми за сите земји-членки, за што побрзо да го внесе женскиот фудбал во главните светски текови.
Во рамките на Стратегијата за женски фудбал на ФИФА, од 2020 до 2023 година, создадената „Програма за развој“ имаше цел на сите 211 земји-членки на ФИФА да им обезбеди можност да аплицираат и да пристапат до дополнителни ресурси и специјалистичка експертиза за развој на женскиот фудбал на национално ниво, во осум клучни области. Но пандемијата на коронавирусот најмногу го погоди женскиот фудбал, поради што многу активности беа ставени во мирување. За да го ублажи ова, ФИФА направи план за помош вреден 1,5 милијарда долари, во јули 2020 година, за земјите-членки на ФИФА од шесте конфедерации, односно по 500.000 долари, наменети само за женскиот фудбал.


РЕКОРДНИ ПОСЕТИ НА МЕЧ ВО ФУДБАЛ ЗА ЖЕНИ

ГОД. МЕЧ ГЛЕД. СТАДИОН ПРВЕНСТВО
2022 Барселона – Волфсбург 91.648 „Ноу камп“ ЛШ
2022 Барселона – Реал М. 91.553 „Ноу камп“ ЛШ
1999 САД – Кина 90.185 „Роуз бол“ СП
2012 САД – Јапонија 80.203 „Вембли“ ЛОИ