Откако шпанскиот тренер го презеде Астон вила на 1 ноември, само Арсенал и Манчестер сити, двата тима што се тркаат за титулата, освоија повеќе бодови од Астон вила. Тимот од централна Англија е во игра за пласман во европски квалификации, откако беше на 16-то место и со само еден бод над зоната за испаѓање кога Емери го презеде тимот

ФУДБАЛ

Перцепциите во англискиот фудбал за Унаи Емери почнуваат да се менуваат. За време на 18-месечниот престој во Арсенал во сезоната 2018/2019, Емери беше ставен во речиси невозможна ситуација, како наследник на долгогодишниот менаџер Арсен Венгер и лице на клубот што поминува низ пресврт зад сцената додека се адаптира на статус надвор од елитата во трка за титулата во Премиер-лигата, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Сега во Астон вила, Емери работи повеќе во сенка. Па, можеби досега. Откако шпанскиот тренер го презеде Астон вила на 1 ноември како замена за Стивен Џерард, само Арсенал и Манчестер сити, двата тима што се тркаат за титулата, освоија повеќе од 32-те бода на Астон вила пред викендов. Тимот од централна Англија се искачи на седмото место и е во игра за пласман во европски квалификации, откако беше на 16-то место и со само еден бод над зоната за испаѓање кога Емери го презеде тимот.

ОФАНЗИВА, ПОБЕДА

– Нема да се опуштиме или да застанеме – рече Емери по победата со 2-1 против Лестер во вторникот, петта победа на Астон вила на претходните шест натпревари, а тимот славеше и викендов.
Љубителите на шпанскиот фудбал нема да бидат толку изненадени кога ќе видат дека Емери направи пресврт во Астон вила, еден од најисториските клубови во Англија, кој помина низ некои слаби времиња во претходните години, вклучувајќи три сезони надвор од Премиер-лигата, од 2016 до 2019 година. По сѐ, Емери го предводеше малиот Вилјареал до трофејот во Лига Европа во 2021 година и, некако чудесно, до полуфиналето на Лигата на шампионите во следната година. Со Севилја, пак, тој ја освои Лига Европа во три сезони по ред, достигнување без преседан, а Пари сен Жермен во Франција го предводеше до домашната тројна круна, пишува АП. Неговите најпроблематични времиња дојдоа во Арсенал, каде што можеби беше вистинскиот човек во погрешно време во клуб што уште имаше обележја на Венгер, по 22-те години на Французинот како менаџер.
Импресивниот почеток на Емери во Астон вила секако го сугерира тоа. Главното за успесите во неговиот нов тим е извлекувањето на најдоброто од Оли Воткинс, кој се претвори во плоден напаѓач откако има централно место во нападот на Астон вила. Воткинс постигна 11 гола на 18 натпревари од назначувањето на Емери, вклучувајќи и голови во шест последователни гостувања, подвиг што не беше постигнат откако Серхио Агуеро го стори тоа за Манчестер сити во 2017 година. Вербата на Емери во Воткинс, кој беше на работ на англискиот тим во текот на изминатата година, е таква што беше во ред со заминувањето на Дени Ингс во Вест хем во јануари, иако тоа го остави тимот без квалитетна резерва за Воткинс.
– Сакам да се справувам со предизвици, секогаш, со мојот напаѓач, со моето водење на тимот, затоа што сакам да бидам офанзивен и да бидам победник. Напаѓачот е многу важен за мене. Зборував со Воткинс во почетокот. Му реков: „Го сакам најдоброто од тебе“ и она што тој го прави, тренирање, да се биде скромен за да се подобри, тоа е начинот – вели Емери.

ГОСТИНСКИ НАТПРЕВАРИ

Други измени на Емери вклучуваат доведување на аргентинскиот плејмејкер Еми Буендија во тимот на сметка на Филипе Кутињо. Буендија се покажа како попрецизен пред голот. Играта на Астон вила под Емери е исто така многу поцврста. Тоа особено се гледа на гостинските натпревари, при што Астон вила победи на шест од своите осум натпревари на своите гостувања, вклучувајќи и кај Челси, Тотенхем и кај Брајтон, а на гости загуби само од Манчестер сити.
Со оглед на тоа што Емилијано Мартинез, светски првак со Аргентина, останува сигурен голман, а 23-годишниот француски репрезентативец Бубакар Камара е ѕвезда во средниот ред, Астон вила има квалитет во целиот тим и тој се обликува од скромниот Емери во тим што тешко се победува.
Со пласман над тимови како Челси и Ливерпул и сега девет бода помалку од првите четири екипи, Астон вила реално може да се надева на место во Европа во следната сезона, најверојатно во Лига Европа, а знаеме колку му се допаѓа тоа натпреварување на Емери, пишува АП. Н.М.