Фото: ЕПА

Од досегашните европски шампиони две титули во низа освои само Шпанија (2008 и 2012 година), а од другите прваци, финалисти на следниот шампионат беа СССР (ЕП 1964) и Западна Германија (ЕП 1976), трето место освои Чехословачка (ЕП 1980), а полуфиналист беше Холандија (ЕП 1992)

ФУДБАЛ – ВО ПРЕСРЕТ НА 17-ТО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО (5)

Европските првенства одамна тврдоглаво отскокнуваат и се борат против трендот, па во текот на 15-те претходни изданија, само една репрезентација ја одбрани својата титула, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница. На неколку недели до почетокот на Европското првенство (ЕП) годинава во Германија, во неколку продолженија ви пренесуваме приказни, факти, значајни моменти… од минатите европски шампионати.
Годинава Италија ја брани титулата. Од досегашните европски шампиони две титули во низа освои само репрезентацијата на Шпанија, во 2012 година, која, кога се врати четири години подоцна, не успеа да го помине осминафиналето. Навивачите на Англија можеби ќе бидат задоволни кога ќе слушнат дека второпласираните (Англија е актуелен европски вицешампион) четири години подоцна поминуваа малку подобро, откако Германија, на пример, победуваше на европските првенства во 1980 и во 1996 година, пишува УЕФА. Од прваците, финалисти на следниот шампионат беа СССР (во 1964 година) и Западна Германија (во 1976-та), трето место освои Чехословачка (во 1980 година), а полуфиналист беше Холандија (на ЕП 1992).

Четири селекции го освоија европското првенство во нивниот прв настап, и тоа СССР во 1960 година, Шпанија четири години подоцна. Италија во 1968 и Западна Германија во 1972 година. Првите четири изданија на ЕП ги освоија учесниците што првпат учествуваа, а на завршниот турнир во тие години настапуваа само по четири репрезентации, пишува УЕФА (во 1980 година првпат на ЕП играа осум селекции, поделени во две групи, првпат 16 репрезентации имаше на ЕП 1996, а континенталните првенства се проширија на 24 селекции во 2016 година).
На своето прво учество на ЕП финалист беше репрезентацијата на СФР Југославија, во 1960 година, а на дебито во полуфинале играа Чехословачка (ЕП 1960, го освои третото место), Франција (ЕП 1960, четврто место), Унгарија (ЕП 1964, трето место, Данска (ЕП 1964, четврто место), Англија (ЕП 1968, трето место), Белгија (ЕП 1972, трето место), Холандија (ЕП 1976, трето место), Португалија (ЕП 1984), Шведска (ЕП 1992) и Велс (ЕП 2016). До ЕП 1976 финалниот турнир се состоеше само од четири селекции, па самиот пласман на турнирот им гарантираше на репрезентациите пласман во полуфиналето.
Носителите на титулите на светските првенства (СП), пак, поминаа нешто подобро на европските шампионати што следуваа по освојувањето на планетарниот трофеј. Така, Франција (по светската титула во 1998 година победи на ЕП 2000) и Шпанија (по СП 2010 славеше и на ЕП 2012) ја освоија континенталната круна, Германија стигна до финалето (на ЕП 1976 и на ЕП 1992), а Англија го освои третото место (на ЕП 1968).
Идната недела: Како се решаваа финалињата. Н.М.


До почетокот на ЕП 2024 во неколку продолженија ви пренесуваме приказни, факти, значајни моменти… од минатите изданија на европските првенства