На Светското првенство во Нант, освен борбата за титулата, беа и шансата и намерите на организаторите да се изборат оваа игра во повеќе земји во светот да биде признаена како спорт, а досега Кина, Иран, Сомалија, Швајцарија, Ерменија и Италија фудбалот на маса го признаваат како спорт, пишува агенцијата „Франс прес“
Облечени во спортска опрема и користејќи специјални рачки за дополнителна моќ, повеќе од 1.000 играчи на фудбал на маса минатата недела учествува на Светското првенство (СП) во Нант (Франција). На тоа СП, освен борбата за титулата, беа и шансата и намерите на организаторите да се изборат оваа игра во повеќе земји во светот да биде признаена како спорт, пишува агенцијата „Франс прес“ (АФП).
Традиционално, фудбалот на маса се игра во барови или на отворено и вообичаено на него се гледа како на забава. Но СП во Нант ги собра најпосветените од целиот свет што фудбалот на маса го сметаат за повеќе од лесна забава меѓу пријателите.
– Ова е прекрасно натпреварување, не е само борба за медали. Главната цел е да се институционализира оваа дисциплина, која ги зближува луѓето и за која е потребна само маса за да ги надмине социјалните разлики – изјави за АФП, Фарид Лунас, шеф на француската Меѓународна федерација за фудбал на маса.
Многу играчи дојдоа од различни земји и оддалеку, од Јапонија, Иран и од САД. Во Кина, Иран, Сомалија, Швајцарија, Ерменија и во Италија фудбалот на маса е признаен како спорт. Но Франција, земјата што според некои теории се смета за „изумител“ на оваа игра, одби неколку барања да ѝ даде спортски статус што ќе отвори простор за нови средства и за изградба на нови објекти. Но ваквата состојба не им пречи на сите, како на ветеранот, Французинот Жорж Гомес, кој вели дека уживал во натпреварувањето, кое се одржува на две години најмногу како на социјален настан.
– Не се добива ништо во однос на пари или други материјални нешта,. Само титули, но, пред сѐ, задоволство да се биде присутен и да се ужива во социјалниот момент, да се запознаваш со луѓе од различни нации – вели тој.
Натпреварите се играа во затворен простор, во спортска сала во центарот на Нант, каде што гледачите беа блиску до масите за да можат да ги гледаат натпреварите, бидејќи е невозможно да се види малата топка од трибините. Друг проблем е огромната варијација во правилата за играње помеѓу земјите, при што федерацијата е автор на брошура од 50 страници што служи како последен збор во случај на спорови. Сите сериозни играчи знаат и дека вртењето на рачките е строго забрането, што значи дека станува збор само за брзината на зглобот на раката.
Освен што натпреварите се проектираа на огромниот екран, тие беа пренесувани и во живо на интернет-страницата „Твич“ (Twitch), со коментари на три јазици. Фудбалот на маса се игра главно во Западна Европа, во САД, во Иран и Кина. САД и Германија се сметаат за водечки во овој спорт.
Французинот Лусиен Розенгарт е заслужен за создавањето на играта во 1930-тите години како начин да ги забавува внуците во текот на зимата. Но британските и шпанските ривали, исто така, тврдеа дека имале слични идеи за прицврстување пластични фигури на фудбалери на подвижни челични прачки. Л.Д.