Фото: Игор Бансколиев

Во возбудливата фудбалска година, Македонија првпат настапи на едно ЕП и првпат се пласира во бараж за пласман на СП, Меси и Роналдо сменија клубови, втори европски титули освоија Челси и Италија, имаше обид за формирање суперлига…

ФУДБАЛОТ ГОДИНАВА ВО ЕВРОПА

Македонија долго ќе ја памети фудбалската 2021 година. Пред сѐ поради историскиот деби-настап на Европското првенство (ЕП) 2020, во групата со Австрија, Украина и со Холандија, како и поради освоеното второ место во квалификациската група (зад четирикратниот светски првак Германија, а пред Романија, Ерменија, Исланд и пред Лихтенштајн) за прв пласман во плејоф за играње на едно светско првенство (СП). Македонија во полуфиналето на баражот за пласман на СП 2022 во Катар ќе се сретне со европскиот првак Италија, во март, а победникот потоа ќе игра на гости со победникот од мечот Португалија – Турција.
На одложеното од лани Европско првенство, Италија вторпат стана континентален првак, победувајќи ја на пенали во финалето Англија, на стадионот „Вембли“, во Лондон. Тоа беше триумф на „азурите“, но и победа на фудбалот над пандемијата на коронавирусот и враќање на гледачите на стадионите. Континенталното првенство годинава ќе се памети и по срцевиот удар на Данецот Кристијан Ериксен на терен и брзата интервенција на лекарите, кои му го спасија животот.
На клупски план, во Лигата на шампионите во ново англиско финале, Челси го совлада Манчестер сити за втора европска титула, а во Лига Европа, шпанскиот Вилјареал, предводен од „специјалистот“ за ова натпреварување (четири пати победувал, трипати со Севилја), тренерот Унаи Емери, беше подобар од англискиот Манчестер јунајтед.
Во 2021 година беше и планот на 12 богати клуба за создавање европска суперлига, која се закануваше да го смени лицето на фудбалот од корен. Во трите дена помеѓу 18 и 21 април, фудбалот доживеа вистински шок, но иако приказната заврши, реалноста е дека сите прашања што доведоа до идејата за суперлига и натаму остануваат. Летово одекна и веста дека најдобриот фудбалер на светот, Аргентинецот Лионел Меси, си заминува од Барселона и потпиша за ПСЖ. Клупските бои ги смени и Португалецот Кристијано Роналдо, кој од Јувентус се врати во Манчестер јунајтед. Есенва во Италија се одигра завршниот турнир на второто издание на Лигата на нациите, на кое триумфира актуелниот светски шампион Франција итн.