Данска и Словенија од групата Х се пласираа директно на Европското првенство, а од таа група во плејофот ќе настапат Финска (лига А) и Казахстан (лига Ц). Од групата Ј, пак, Португалија и Словачка обезбедија место на ЕП, но уште три селекции се во баражот, Исланд, БиХ (двете во лигата Б) и Луксембург (лига Ц). Од сите квалификациски групи, само од групата Г нема ниту еден учесник во плејофот, а од сите други групи има барем по една репрезентација
ФУДБАЛ – ПО ЖДРЕПКАТА НА ДВОЈКИТЕ ЗА ПЛЕЈОФОТ ЗА ПЛАСМАН НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО
Откако завршија квалификациите за пласман на фудбалското Европско првенство (ЕП) во 2024 година и се формираа плејоф-двојките од лигите А, Б и Ц на Лигата на нациите, може да се случи дури по четири репрезентации од групите Х и Ј од квалификациите да заиграат на континенталното првенство в година во Германија.
Од сите квалификациски групи за пласман на ЕП 2024, само од групата Г нема ниту еден учесник во плејофот, а од сите други групи има барем по една репрезентација.
Од групата Х, од која Данска и Словенија се пласираа директно на континенталното првенство како две најдобропласирани репрезентации во таа група, во плејофот ќе настапат селекциите на Финска и на Казахстан. Финска ќе игра во баражот на лигата А, каде што ќе се сретне со Велс, на гости. Другата полуфинална двојка е Полска – Естонија. Од групата Х, Казахстан, пак, ќе учествува во плејофот на лигата Ц, а во полуфиналето ќе се сретне со Грција, на гости.
Репрезентациите на Португалија и на Словачка од групата Ј обезбедија место на Европското првенство в година, но од таа група уште три селекции имаат шанси да настапат на ЕП 2024. Така, репрезентациите на Исланд и на БиХ ќе играат во доигрувањето на лигата Б, а селекцијата на Луксембург во баражот на лигата Ц. Во полуфиналето, Исланд ќе игра на гости со Израел, а БиХ ќе се сретне дома со Украина. Луксембург, пак, во својот полуфинален дуел гостува кај Грузија.
Учество во плејофот обезбедија победниците на групите во лигите А, Б и Ц на Лигата на нациите од сезоната 2022/2023, но секоја репрезентација од тие што се пласира на ЕП 2024 низ квалификациите ѝ го отстапи своето место во плејофот на следна селекција според вкупниот пласман во таа сезона на Лигата на нациите. Така, место во доигрувањето, но и пласман на ЕП 2024 со успешниот настап во Лигата на нациите обезбедија Шпанија, Италија, Холандија и Хрватска од лигата А, потоа Србија и Шкотска од лигата Б, како и Турција од лигата Ц. На нивно место во плејофот се пласираа Полска, Велс, Естонија, Финска, Украина, Исланд и Луксембург. Н.М.
УЧЕСНИЦИ ВО ПЛЕЈОФОТ ОД ГРУПИТЕ