Фото: ЕПА

Македонскиот репрезентативец сега има 11 натпревари на кои не се затресе неговата мрежа во шпанското првенство, повеќе имаат Симон од Атлетик (15) и Римеиро од Сосиедад (12), а 11 има и Тер Штеген од Барселона. Во најсилните пет првенства во Европа во оваа категорија прв е Сомер од Интер со 17 меча без примен гол сезонава, а Димитриевски е на делба на 11-то место со Тер Штеген, Донарума од ПСЖ и со Бизо од Брест, според „трансфермаркт“

ФУДБАЛ – ВО КОНКУРЕНЦИЈА НА ГОЛМАНИ ОД НАЈСИЛНИТЕ ПЕТ ПРВЕНСТВА ВО ЕВРОПА

Столе Димитриевски и во 30-то коло во фудбалската шпанска Ла лига сезонава остана несовладан, на дуелот на Рајо Валјекано со Селта, на гости (0-0, Димитриевски на двата меча сезонава не прими гол од Селта, откако и на домашен терен беше 0-0).
Тоа беше вкупно 11-ти натпревар на македонскиот репрезентативец во кој неговата мрежа беше незатресена, втор во низа, со што е меѓу водечките четворица голмани во шпанското првенство. Повеќе вакви натпревари од него во Ла лига имаат Унаи Симон од Атлетик Билбао (15) и Алекс Римеиро од Сосиедад (12), а израмнети се Димитриевски и Марк Андре тер Штеген од Барселона, според статистиката на специјализираната интернет-страница „трансфермаркт“. Димитриевски сезонава не прими гол и на средбите со Алмерија, Гранада, Алавес, Кадиз, Лас Палмас, Реал Мадрид, Гетафе, Сосиедад и со Бетис.
Наедно Димитриевски влезе меѓу 120-те најуспешни голмани во оваа категоријата во шпанската фудбалска Ла лига во кариерата, откако овој натпревар со Селта му беше вкупно 32. без примен гол во најсилното шпанско фудбалско првенство. Сега Димитриевски е на 119-то место меѓу голманите што бранеле во Шпанија, според „трансфермаркт“. Во оваа категорија во водство е некогашниот шпански репрезентативец Андони Зубизарета (Барселона, Атлетик, Валенсија…) со 235 натпревари без примен гол.
Македонскиот репрезентативец е и меѓу 15-те најдобри голмани во оваа категорија во најсилните пет домашни првенства во Европа (Англија, Шпанија, Франција, Германија и Италија), според „трансфермаркт“. Димитриевски е на делба на 11-то место со Тер Штеген, Џанлуиџи Донарума од Пари сен Жермен и со Марко Бизо од Брест, а води Јан Сомер од Интер со 17 меча без примен гол сезонава. Н.М.