Ду­е­лот Шпа­ни­ја – Гер­ма­ни­ја е на 27 но­ем­ври, по­тоа се остров­ско­то дер­би Анг­ли­ја – Велс, Ар­ген­ти­на – Пол­ска, Фран­ци­ја – Дан­ска, Бел­ги­ја – Хр­ват­ска, Бра­зил – Ср­би­ја, Пор­ту­га­ли­ја – Уру­гвај…

ФУДБАЛ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО КАТАР

Светското првенство (СП) во фудбал, 22-то издание на најгледаниот единечен спортски настан во светот, почнува со мечот на домаќинот Катар и Еквадор, утре, од 17 часот. Тоа ќе биде петти пат во низа како во првиот натпревар на планетарниот шампионат игра домаќинот. Од СП 1974 до СП 2002, во првата средба настапуваше актуелниот светски првак. Составот на групите носи неколку дерби-средби, како, на пример, дуелот на некогашните светски и европски прваци, Шпанија и Германија, на 27 ноември во групата Е. Потоа, тука е и островското дерби, Англија – Велс, во групата Б, на 29 ноември. Ништо помалку привлечни не би биле и други дуели, на пример, Аргентина – Полска, Франција – Данска, Белгија – Хрватска, Бразил – Србија, Португалија – Уругвај…
Според претходниот распоред во осминафиналето вкрстуваат репрезентациите од групите А и Б, потоа од Ц и Д, Е и Ф, како и Г и Х. Според тоа, можни дуели, секако според пласманот на групата (во осминафиналето ќе се пласираат првопласираните две репрезентации од секоја од осумте групи), се, на пример, Холандија – Англија, Аргентина – Франција, Шпанија – Белгија, Бразил – Уругвај… Тие што ќе играат во иста група уште еднаш на СП 2022 можат да се сретнат само во финалето. Секако, можни се и многу други комбинации, сѐ во зависност од пласманот на репрезентациите во групата.


Четири меча на ден во првиот дел на СП

Според распоредот на фудбалското Светско првенство годинава, првиот ден ќе има еден меч, в понеделник се три, а потоа во следните 11 дена (до 2 декември) по четири натпревари на ден, со почетоци во 11, 14, 17 и во 20 часот (според средноевропско време), освен во последните четири дена во таа низа, кога се играат третите кола во групите, и кога почетоците на по два меча се од 16 и од 20 часот. Осминафиналето е од 3 до 6 декември, со по два дуела на ден (од 16 и од 20 часот). Првата пауза е на 7 и 8 декември, а на 9 и на 10 декември се четвртфиналињата, по две средби на ден (16 и 20 ч.). Првото полуфинале е на 13 декември, а следниот ден е второто, двете од 20 часот. Мечот за третото место е на 17 декември, а финалето на 18 декември, двата дуела од 16 часот.