Во јануари во Лондон се состана Меѓународниот одбор на фудбалската асоцијација (ИФАБ), кој ги надгледува правилата на играта и како тие се администрираат, а нивната желба е да „создадат пофер услови за двата тима во однос на времето на располагање на еден натпревар“. Промената во упатствата, наместо на правилата, во однос на вистинското време за игра се очекува да биде ратификувана на годишното генерално собрание на ИФАБ денеска, пишува „Би-би-си“

Фудбалското Светско првенство (СП) во Катар ќе биде запаметено како турнир на кој конечно Лионел Меси го освои трофејот, но додаденото време за игра на натпреварите беше исто така една од неговите најголеми теми за разговор, бидејќи на турнирот имаше некои од најдолгите натпревари на СП досега, откако ФИФА им наложи на четвртите судии да го следат загубеното време, а може да се види дека трендот ќе се прошири во сите врвни домашни лиги од следната сезона, пишува „Би-би-си“. Во јануари во Лондон се состана Меѓународниот одбор на фудбалска асоцијација (ИФАБ), кој ги надгледува правилата на играта и како тие се администрираат, а нивната желба е да „создадат пофер услови за двата тима во однос на времето на располагање на еден натпревар“. Промената во упатствата, наместо на правилата, во однос на вистинското време за игра се очекува да биде ратификувана на годишното генерално собрание на ИФАБ денеска, пишува „Би-би-си“. Но дали тоа може да ја промени иднината на фудбалот засекогаш?

МЕЧЕВИ ОД 60 МИНУТИ?

И покрај тоа што фудбалот е спорт од 90 минути, количеството на фудбал што се игра на еден натпревар е многу помалку од 90 минути. Дополнителното време беше воведено во 1891 година, за да им се овозможи на судиите да додадат повеќе време за да компензираат за невообичаени прекини во играта. Првично тие беа за долги прекини поради повреди, но сега за дополнителното време се земаат предвид повеќекратните замени, проверките на системот видеопомошник-судија (ВАР), долгите прослави и намерното губење време. Но, остануваат две работи, само судијата знае кога ќе заврши натпреварот, а мечевите имаат различно времетраење.
За да се борат против ова, голем број лица од висок профил, вклучувајќи ги холандската легенда Марко ван Бастен, поранешниот судија во Премиер-лигата Марк Клатенбург и поранешниот шеф на Арсенал, Дејвид Деин, сугерираа фудбалот да стане спорт од 60 минути, при што часовникот ќе се запира секогаш кога топката е надвор од игра. Ова може да сугерира дека ќе се игра помалку фудбал, но многу натпревари траат многу помалку од 60 минути. Времето на игра на СП 2018 беше помеѓу само 52 и 58 минути.
Запирање на часовникот е толку радикална промена што веројатно нема да биде воведена во блиска иднина, но СП 2022 покажа начини на кои може да се дозволи повеќе време за играње, пишува „Би-би-си“. На крајот од секое полувреме се додаваше многу повеќе. Во првата рунда од групната фаза беа забележани просечно 11 минути и осум секунди дополнително време, четири минути за првото полувреме и седум за второто. Овие бројки полека опаднаа како што напредуваше турнирот, па, така, во првото коло имаше 11,08 минути, во второто 10,22, во третото 10,26, а во нокаут-фазата 8,49 минути. Сите овие просечни времиња се повисоки од претходните турнири и не е изненадувачки што најдолгите натпревари во историјата, не вклучувајќи ги продолженијата, се одиграа на СП 2022. Но, колку од ова дополнително време беше всушност искористено за играње и колку дополнително беше потрошено?

УШТЕ ПОВЕЌЕ ЗАГУБЕНО ВРЕМЕ?

Фудбалот, кој често се опишува како спорт што тече слободно, е во голема мера натпреварување со ритам тргни-застани, пишува „Би-би-си“. Ова е илустрирано со бројот на рестартирања за време на додаденото време. На натпреварот Англија – Иран имаше минимум 10 минути додадено време. За првите 9,04 минути од тоа, топката беше во игра во просек по 42 секунди без запирање, при што играта запре девет пати. Потоа, на 56 секунди до крајот на дуелот, со прекин од 3,26 минути беше досуден пенал по проверка на ВАР. Судијата сметаше дека нема доволно време за да се рестартира натпреварот откако Иран постигна гол, и означи крај на мечот, пишува „Би-би-си“. Дали требаше да се дозволат преостанатите 56 секунди? Што ако тоа беше натпревар со еден гол? Дали судијата треба да биде тој што одлучува кога ќе заврши мечот?
Слични ситуации имаше на натпреварот Јужна Кореја – Гана. Јужна Кореја притискаше за израмнување во 10-те минути од посоченото време на крајот од вториот дел. За време на дополнителното време имаше дополнителни запирања за замена и третман на повреда. Двете паузи беа со време 1,42 минута, што значи дека требаше да се игра најмалку 11,42 минути. Сепак, по 10,52 минути Ентони Тејлор означи крај на дуелот, токму кога Јужна Кореја се подготвуваше да изведе корнер. Што се случи со дополнителните 102 секунди? И покрај ова, Јужна Кореја подоцна успеа да се пласира во осминафиналето. Така, и покрај тоа што се додаде значителен износ на време, само околу 50 отсто всушност беше искористено за играње фудбал.
Доцните голови секогаш имаат возбудливо влијание и СП 2022 не беше поинакво. За време на претходните СП додаденото време во второто полувреме беше генерално под шест минути, а на натпреварите што ја надминаа таа граница во 2022 година беа постигнати шест гола, доделени 15 жолти картони… Гледајќи напред, што ќе значи ова за домашниот фудбал? Премиер-лигата, на пример, полека забележа намалување на времето за играње во изминатата деценија, така што аргументот за повеќе додадено време е силен. Иако не е целосно научна оценка, шесте гола и 15-те картони доделени за време на продолжените минути на дополнителното време во 64-те меча на СП 2022 би можеле да значат дополнителни 35 гола и 89 картони во текот на една сезона во Премиер-лигата, пишува „Би-би-си“. Тоа би било еквивалентно на околу еден дополнителен гол по натпревар неделно, што во спорт со се` помали разлики може многу да влијае на тимовите од двата краја на табелата. „Времето на Ферги“ може да стане поважно од кога било. Н.М.