Чеферин: Многу е важно оние што го сакаат фудбалот да се држат заедно

Важно е да се инвестира во инфраструктурата низ Европа, да се инвестира во женскиот фудбал уште повеќе. И, секако, младите. И ова се најважните работи со кои треба да се справиме, рече Чеферин, претседателот на УЕФА

Мораме да го заштитиме нашиот фудбал од овие ајкули што пливаат наоколу и се обидуваат да ја уништат пирамидата, тоа е многу важно. Важно е да се инвестира во инфраструктурата низ Европа, да се инвестира во женскиот фудбал уште повеќе. И, секако, младите. И ова се најважните работи со кои треба да се справиме. Фудбалот во Европа од аспект на инфраструктурата, неверојатно се развива, а тоа е главно поради тоа што Европската фудбалска унија им враќа пари на федерациите и на клубовите, изјави Александер Чеферин, претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), во ексклузивното интервју со поранешниот дефанзивец на Манчестер јунајтед и на Англија, Гери Невил, за неговата серија на Јутјуб, пренесе УЕФА.
Чеферин зборуваше на многу теми, меѓу другото и за реинвестирање во фудбалот.
– Сите мислат дека главниот извор на приход за УЕФА се клупските натпреварувања, но не е така. Тоа се репрезентативни натпревари. Дистрибуираме 97 отсто од сите приходи што ги имаме. Не знам дали можеме да најдеме една невладина организација што троши, процентуално, помалку за нивното работење. Ние распределуваме 97 проценти, а кога велат дека УЕФА има големи приходи, секогаш велам дека би сакал да имаме повеќе – вели Чеферин.
Чеферин се осврна и на предлозите за затворени клупски фудбалски натпреварувања.
– Тие не ја напаѓаат УЕФА, тие ја напаѓаат фудбалската пирамида. Тие напаѓаат сѐ што е тука стотици години. Мислам дека е многу важно оние што го сакаат фудбалот да се држат заедно, да зборуваат многу, да се трудиме да имаме лидери во фудбалот насекаде, луѓе што го сакаат фудбалот – рече Чеферин, пренесе Европската фудбалска унија. Н.М.


„Нема да поддржувам повеќе промени на натпреварувањата“

Нема да поддржувам повеќе промени на натпреварувањата. Мислам дека сега сме тука и треба да играме Лига на шампиони, Лига Европа и Конференциска лига, како што ќе биде во 2024 година. Мислам дека не треба да се менуваме, дури и мислам дека не требаше да се промени, но ќе биде подобро, така што тоа е еволуција, а не револуција. Она што ме прави среќен е што нашето натпреварување е многу интересно и што сите го сакаат… Прашањето за сопственост на повеќе клубови, пак, е интересно прашање. Мислам дека треба да размислиме за тоа во иднина и да видиме што да правиме. Има сѐ поголем интерес за оваа мултиклупска сопственост и не треба само да се каже не на инвестициите и за сопственоста на повеќе клубови. Но мора да видиме какви правила ќе поставиме во тој случај. Мислам дека мора да биде брзо бидејќи, знаете, сѐ мора да се случи брзо во фудбалот, изјави Александер Чеферин, претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), во ексклузивното интервју со поранешниот дефанзивец на Манчестер јунајтед и на Англија, Гери Невил, за неговата серија на Јутјуб, пренесе УЕФА.