Фото: ЕПА

Алонсо никогаш не бил тренер на прв тим додека не беше назначен во Баер на 5 октомври 2022 година, кога тимот беше на 17-то место во лигата со 18 екипи. Една година подоцна, Баер е на првото место, а во меѓувреме лани играше и во полуфиналето на Лига Европа, сега сигурно чекори во истото натпреварување, а ефектот на Алонсо ги подгреа шпекулациите дека тој би можел да биде кандидат за преземање на Реал Мадрид

Од зоната за испаѓање до врвот на табелата. Не е лоша прва година на Чаби Алонсо на чело во германскиот фудбалски бундеслигаш Баер, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Алонсо ја обележи својата прва годишнина во германскиот клуб, а синоќа имаше натпревар против локалниот ривал Келн, уште еден тест за тимот од Леверкузен во предизвикувањето на Баерн за титулата во Германија.
– Таа годишнина ми значи нешто. Многу работи се случија во тоа време, главно позитивни. Ефектот е добар и тимот и нашата игра продолжија да се развиваат – рече Алонсо, пренесе АП.
Светскиот првак со репрезентација и клупски европски шампион како играч, Алонсо никогаш не бил тренер на прв тим додека не беше назначен во Баер на 5 октомври 2022 година. Во тоа време тимот Леверкузен беше на 17-то место во лигата со 18 екипи. Една година подоцна, Баер е на првото место откако во претходното коло се искачи на врвот на табелата со победата со 3-0 над Мајнц, а Баерн ремизира 2-2 со Лајпциг.
Алонсо исто така доби пофалби за пласманот во полуфиналето на Лига Европа во минатата сезона, пред тесниот пораз од Рома под водство на Жозе Мурињо.
Тимот од млади амбициозни играчи беше клучен за подемот на Баер, при што Алонсо го извлече максимумот од германскиот плејмејкер Флоријан Вирц и брзиот холандски десен бек Џереми Фримпонг, кој во минатата недела потпиша нов договор, до 2028 година. Виктор Бонифејс, пак, постигна осум гола на осум натпревари откако нигерискиот напаѓач потпиша од Унион Сен-Жилоаз во јули.
Алонсо ја обележи својата годишнина во Баер во Молде, град со 20.000 жители во Норвешка, каде што тимот го победи Молде со 2-1 во натпревар од Лига Европа, во која по две кола има две победи. Синоќешниот натпревар дома со Келн, наречен Рајнско дерби, поради реката што тече помеѓу Леверкузен и Келн, е новиот предизвик за Алонсо.
Победа над Келн одигра клучна улога во воспоставувањето на Алонсо во Баер пред една година, откако тимот имаше само една победа од неговите први седум натпревари во сите натпреварувања, но пресвртницата дојде со победата со 5-0 на дуелот со тогашниот лидер во лигата, Унион Берлин, и потоа со победата со 2-1 над Келн, пишува АП.
Ефектот на Алонсо во минатата година ги подгреа шпекулациите дека тој би можел да биде кандидат за преземање на неговиот стар клуб, Реал Мадрид, кога договорот на тренерот Карло Анчелоти истекува на крајот од сезонава. Алонсо во август потпиша продолжување на договорот со Баер до 2026 година.
– Премногу е рано – рече Алонсо во минатата недела на прашањето за Реал Мадрид.


Рекордер во Бундес-лигата, фудбалска ДНК, сосед со Артета…

  • Поранешната фудбалска ѕвезда на Баерн, Ливерпул и на Реал Мадрид, Чаби Алонсо во Баер ја има својата прва тренерска работа. „Многу сум благодарен за довербата што ми ја укажа Баер“, рече тој, пренесе официјалниот сајт на Бундес-лигата, која одблиску го разгледува и наведува неколку работи за Алонсо, поранешен тренер на Б-тимот на Сосиедад, а некогашен фудбалер на Ливерпул, Реал Мадрид и на Баерн.
    Легенда на Баерн. Тој пристигна во Баерн во 2014 година како искусен 33-годишен плејмејкер, по првата сезона на Пеп Гвардиола на чело на тимот. Алонсо имаше вкупно 79 настапи во Бундес-лигата за Баерн во неговите три сезони во клубот, освојувајќи ја титулата трипати, постигна пет првенствени гола и постави нов рекорд за најмногу допири на топка од еден фудбалер во еден натпревар (206 против Келн во септември 2014 година). Алонсо вели дека времето во Баерн е клучна причина поради која одлучил да се врати во Бундес-лигата како тренер. „Тоа време имаше големо влијание врз мене. Знаев дека ова ќе биде добар чекор во мојата тренерска кариера“, рече тој.
  • Играта му е во крвта. Таткото на Чаби, Перико, трипати ја освојуваше титулата во Шпанија како фудбалер, двапати со Сосиедад и еднаш со Барселона. Тој забележа и 20 настапи за Шпанија и беше во тимот на домаќините за Светското првенство во 1982 година. Потоа продолжи да тренира неколку тима, вклучувајќи го и Сосиедад. Братот на Чаби, Микел, исто така играше за Сосиедад, Болтон и за Чарлтон, а неговиот друг брат Џон е професионален судија. Со таква ДНК, не е ни чудо што тренерот на Баер апсорбира огромни количества фудбалско знаење.
  • Микел Артета му бил сосед од детството. Звучи како заплет на филм: две деца опседнати со фудбал на иста улица се среќаваат за да играат секој ден на локалната плажа и на крајот се издигнуваат до самиот врв на тој спорт. Како доказ дека вистинскиот живот е рамен на фикцијата, Алонсо и сегашниот тренер на Арсенал, Микел Артета, пораснаа како соседи во Сан Себастијан. Покрај долгите натпревари на песокот, двајцата пријатели играа заедно во ист младински тим пред да тргнат по својот пат, бидејќи Алонсо беше скаутиран од Сосиедад, а Артета од Барселона. Тие на крајот повторно станаа соседи, кога Алонсо играше за Ливерпул, а Артета за локалниот ривал Евертон.
  • Отсекогаш бил обожавател на Пеп. Алонсо вели дека шансата да работи под раководство на Пеп Гвардиола била главната причина да го напушти Реал Мадрид за да оди во Баерн во 2014 година, веднаш по освојувањето на Лигата на шампионите со шпанскиот гигант. „Бев многу љубопитен да ги дознаам тајните на Гвардиола. Тој има немилосрден природен ентузијазам. Фудбалските сезони се долги, но до самиот крај Пеп никогаш не изгледаше како да е уморен. Беше буден, секогаш, можеби тоа ни даваше дополнителни неколку метри во нозете кога беше најважно“, изјави Алонсо за „Атлетик“ во 2019 година.
  • Неговиот трофеен кабинет е преполн. Веројатно нема награда што не ја освоил Алонсо во блескавата играчка кариера во некои од врвните европски клубови. Тој ја освои Лигата на шампионите со Ливерпул и со Реал Мадрид, како и шпанската титула и три трофеи во Бундес-лигата. Потоа, тука се два суперкупа на УЕФА, еден еквивалент во Германија и уште два во Шпанија и во Англија, како и Купот на Германија со Баерн, победа во ФА-купот со Ливерпул и уште два успеха во Купот на Шпанија во Реал Мадрид. Елегантниот играч од средниот ред исто така постигна 16 гола на 114 натпревари за Шпанија во периодот од 2003 до 2014 година и стана светски првак во 2010 година и европски шампион во 2008 и во 2012 година.
  • Гол од својата половина. Тоа се голови за кои сите зборуваат со години. Удар од сопствената половина од теренот е фудбалски еквивалент на погодување од еден удар во голфот и невозможен сон за многу талентирани играчи. Алонсо во 2006 година постигна два последователни гола од својата половина за Ливерпул, со Лутон и со Њукасл, станувајќи првиот играч во модерната професионална фудбалска историја кому му успеало тоа, пишува Бундес-лигата. Можеби неколку среќни шута? Нема шанси. Алонсо тогаш истакна дека редовно вежбал удари од далечина на тренинг.
  • Покрај сите успеси, една од најемотивните сезони на Алонсо останува 2002/2003, кога како 21-годишен беше клучен дел од тимот на Сосиедад што ја имаше својата најдобра сезона во повеќе од 20 години. Клубот беше вклучен во трка за титулата и имаше само два бода помалку од шампионот Реал Мадрид. Алонсо тогаш постигна 12 гола во сите натпреварувања и беше избран за најдобар шпански играч на сезоната од спортскиот магазин „Дон балон“.
  • Тој веќе е во историските книги на Баер. Само шест месеци по преземањето на жешкото столче во Баер, Алонсо го предводеше тимот до серија од седум последователни победи. Со тоа, тој стана првиот тренер на Баер што го постигнал тоа по Клаус Топмелер во 2002 година. Н.М.