Лани имало вкупно 54.739 меѓународни трансфери (професионалци и аматери), има постојан раст во фудбалот за жени, а бројот на трансферите во фудбалот за мажи се враќа на нивоата пред пандемијата. Надоместоците за трансфери се намалиле втора година по ред (пад од 13,6 отсто во однос на 2020 година и 33,8 проценти од историскиот максимум во 2019 година), а вкупната сума за обесштетувања во 2021 година е најмала во претходните пет години, пишува во Глобалниот извештај за трансфери за 2021 година на ФИФА

ФУДБАЛ – ФИФА

Светската фудбалска федерација (ФИФА) го објави новиот Глобален извештај за трансфери за 2021 година, кој ги прикажува трансферите на фудбалерите и фудбалерките во професионалниот и во аматерскиот фудбал.
Во 2021 година беа регистрирани не помалку од 54.739 меѓународни трансфери, од тоа 19.372 професионалци (мажи и жени) и 35.367 аматери.
Имало 18.068 меѓународни трансфери во машкиот професионален фудбал, што е зголемување од 5,1 проценти во споредба со 2020 година и сигнализира враќање на нивоата од 2019 година (18.080 трансфери) и покрај тековната пандемија на ковид-19, пишува ФИФА на својата интернет-страница. Овие 18.068 трансфери вклучуваат ново рекордно високо ниво од 4.544 клуба од 185 различни фудбалски асоцијации.
Во 2021 година трошењето на трансфер-таксите се намалува втора година по ред, со вкупно 4,86 милијарди долари, што е пад од 13,6 отсто во споредба со 2020 година и 33,8 проценти под рекордните нивоа од 2019 година, а вкупната сума за обесштетувања во 2021 година е најмала во претходните пет години, пишува во Глобалниот извештај за трансфери за 2021 година на ФИФА.
Фудбалот за жени продолжи со растот во 2021 година, при што бројот на клубови вклучени во меѓународни трансфери се зголеми од 347 во 2020 година на 414 лани, што е зголемување од 19,3 отсто. Во 2021 година се забележани околу 1.304 меѓународни трансфери, што е зголемување од 26,2 проценти во однос на претходната година, која, исто така, забележа пораст од 23,3 проценти. За разлика од фудбалот за мажи, трошоците за трансфер-такси во женскиот професионален фудбал се зголемија за 72,8 отсто, од 1,2 милион долари во 2020 година на 2,1 милиони долари во 2021 година.
Трансферите во аматерскиот фудбал се евидентираат од јули 2020 година, што значи дека податоците сега првпат покриваат цела календарска година. Во 2021 година имало 17.571 клуб од 201 асоцијација членка на ФИФА вклучени во трансферите на 35.367 фудбалери аматери (мажи и жени), пишува ФИФА.