Од 1958 година, Боксинг-деј е главниот празничен ден, синоним за фудбалот во Велика Британија, кога семејствата се собираат заедно, одат на натпревари, ги бодрат своите тимови и го продолжуваат славењето од претходната вечер, тоа е Божиќ втор дел

ПРЕМИЕР-ЛИГА

Боксинг-деј, 26 декември, е најубавиот ден во годината во Велика Британија, кој има долга традиција и е испреплетен со фудбалот. Во периодот на празничните денови зачестено се играат натпревари во Премиер-лигата, а токму оние на Боксинг-деј, денот по Божиќ, кога се отвораат подароците, е најпразничниот и најомилен.
Историски, 26 декември, кога се слави Боксинг-деј, е национален празник во Велика Британија од 1871 година. Во викторијанската ера, богатите работодавци им делеле божиќни кутии со подароци на своите вработени, заблагодарувајќи им се на тој начин за нивната работа во текот на целата година и им давале слободен ден по Божиќ. Од 1958 година, Боксинг-деј е главниот празничен ден, синоним за фудбалот во Британија, денот кога семејствата се собираат заедно, одат на натпревари, ги бодрат своите тимови и го продолжуваат славењето од претходната вечер, тоа е Божиќ втор дел.
На Боксинг-деј се одиграни многу интересни и возбудливи натпревари, но најчесто се споменува 1963 година. Тогаш на десетте меча биле постигнати 66 гола, при што само два од 20-те тима не постигнале погодоци, Евертон и Болтон. Најмногу голови имало на мечевите Фулам – Ипсвич, 10-1, и Вест хем – Блекбурн, 2-8. Од поновата, ера за издвојување се мечевите Манчестер сити – Хал, 5-1, од 2008-та, Челси – Астон вила, 4-4, во 2007-та, Хал – Манчестер јунајтед, 2-3, во 2013-та година итн.
Годинава во отежнати услови, поради ескалацијата на ковид-19, одложени се три меча од неделното 19-то коло, Ливерпул – Лидс, Вулверхемптон – Вотфорд и Барнли – Евертон. Со овие три меча, бројката на одложени натпревари се зголеми на 13, но челниците на Премиер-лигата инсистираат првенството да продолжи и ги советуваа клубовите да играат доколку имаат барем 13 здрави фудбалери и голман.
Ова предизвика негодување кај многумина фудбалери и менаџери, кои се загрижени за здравјето во новонастанатите околности, а се појавија и гласини за можен штрајк на играчите. Пеп Гвардиола, менаџерот на Манчестер сити, изјави дека штрајкот можеби е единствениот начин да се натераат одговорните да послушаат, но и додаде оти не верува дека ќе дојде до тоа.