Единсон Кавани и Марсело / Фото: ЕПА

Бока јуниорс ќе игра за да го израмни рекордот на Индепендиенте од седум титули, а Флуминенсе за првиот трофеј. Некои податоци пред 64-то финале се импресивни, двајцата голмани на тимовите имаат речиси 80 години заедно, Марсело ќе се стреми да направи историја за освоени трофеи на два континента, Фабра ќе го чува својот близок пријател и колега од Колумбија, Аријас, се очекува настап на двајца од најголемите таленти на планетата, Барко и Андре, и се најавува голгетерски дуел помеѓу најдобриот стрелец на турнирот, Кано, и легендарниот Кавани

ФУДБАЛ – КОПА ЛИБЕРТАДОРЕС, ФИНАЛЕ

Аргентинскиот Бока јуниорс ќе се обиде да го израмни долгогодишниот рекорд на Индепендиенте од седум титули во клупското фудбалско првенство на Јужна Америка, Копа либертадорес, а бразилскиот Флуминенсе игра за првиот трофеј во тоа натпреварување. Тие во денешното финале (од 21 часот, во Рио де Жанеиро, на стадионот „Маракана“) ќе играат и за пласман на клупското Светско првенство (СП) во Саудиска Арабија, во декември, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Победникот ќе настапи и на клупското СП во 2025 година во САД, прво на кое ќе играат 32 тима. Од Јужна Америка досега пласман на тоа СП обезбедија континенталните прваци од 2021 и 2022 година, бразилските Палмеирас, односно Фламенго.
Некои податоци пред финалето се импресивни. Двајцата голмани на тимовите, на пример, имаат речиси 80 години заедно, Марсело ќе се стреми да направи историја за освоени трофеи на два континента, Френк Фабра ќе го чува својот близок пријател и колега од Колумбија, Џон Аријас, двајца од најголемите таленти на планетата, Валентин Барко и Андре треба да настапат и се најавува голгетерски дуел помеѓу најдобриот стрелец на турнирот, Герман Кано, и легендарниот Единсон Кавани, пишува ФИФА.

– Ние ја имаме истата желба, да им ја дадеме на луѓето од Бока седмата титула, што ја посакуваа толку долго, нели? Последниот трофеј беше во 2007 година и сакаме да го освоиме и да им го донесеме трофејот на луѓето за да можат да уживаат во него. Имам верба дека ќе победиме – вели голманот на Бока јуниорс, Серхио Ромеро (36), пренесе ФИФА.
Голманот на Флуминенсе, Фабио, ја почна својата професионална кариера во 1997 година, во која му помогна на бразилскиот тим предводен од Роналдињо да ја освои титулата на Светското првенство за фудбалери до 17 години. Неодамна 43-годишниот голман го надмина Зе Роберто и стана четвртиот највозрасен играч во историјата на Копа либертадорес и во финалето ќе стане првиот Бразилец што стигнал до 100 настапи во тоа натпреварување.
Ако историјата е значителна предност за Бока, локацијата е за Флуминенсе, пишува ФИФА. Финалето на 64. Копа либертадорес ќе се игра на стадионот „Маракана“. Не дека на гостите ќе им недостига поддршка, оти неверојатни 110.000 луѓе се очекува да ја поминат границата за да го гледаат натпреварот на еден од најпознатите стадиони на планетата или во навивачката зона на плажата Копакабана, пишува ФИФА.
Марсело игра и за да стане 15-от фудбалер што ги освоил и Копа либертадорес и европската Лига на шампионите (тој со Реал Мадрид пет пати беше европски првак). Овој подвиг претходно го постигнаа Хуан Пабло Сорин, Сантијаго Солари, Дида, Роке Жуниор, Кафу, Карлос Тевез, Валтер Самуел, Роналдињо, Нејмар, Данило, Рафиња, Рамиреш, Давид Луиз и Хулијан Алварез.
– Не мислам на себе како реномиран играч што има многу титули. Секогаш размислувам за сегашноста, а сега уживам во еден од најдобрите моменти во мојот живот, играјќи финале со Флуминенсе. Она што го правев во минатото беше и помина. Она што ми дава радост и мотивација секој ден е моментот – рече Марсело, пренесе ФИФА.
Ако мечот заврши со реми по 90 минути, ќе се играат дополнителни 30 минути, а ако и тогаш биде нерешено, ќе се изведуваат пенали. Победникот на Копа либертадорес ќе добие повеќе од два и пол пати од второпласираниот (18 милиони долари наспроти седум милиони долари), пишува ФИФА. Н.М.


НАЈМНОГУ ТИТУЛИ

Индепендиенте 7
Бока јуниорс 6
Пењарол 5
Ривер плата 4
Естудијантес 4
седум клуба освоија по три титули, три клуба имаат по две, а по еднаш прваци беа уште 10 клуба