Баерн рекорден седми пат постигна барем седум гола на меч во ЛШ

Левандовски на 100-от старт во ЛШ го постигна најраниот хет-трик во историјата на ова натпреварување, до 23-та минута, и најбрзо од сите стигна до 85 гола во Лигата на шампионите (на 104 меча, Меси е втор со 107 меча)

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Баерн го победи Салцбург со 7-1 и се пласира во четврт-финалето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), а Роберт Левандовски на 100-от меч како стартер во ЛШ го постигна најраниот хет-трик во историјата на ова натпреварување, со трите гола во 12, 21 и во 23-та минута.
Тој сега има вкупно 85 на 104 натпревари во ЛШ, најбрзо од сите до 85-от гол (Лионел Меси е втор на таа листа со 85-от гол на 107-та средба). Претходно најраниот хет-трик од почеток на еден меч во ЛШ, за 24 минути, го постигна Марко Симоне, на мечот Милан – Розенборг (4-1) во 1996 година. Рекордот за најбрз хет-трик во ЛШ го држи Бафетимби Гомис (Лион), кој постигна три гола за осум минути на мечот со Динамо Загреб во 2011 година.
Левандовски (33), кој е најефикасен со 12-те гола сезонава во ЛШ, има вкупно 42 гола во сите натпреварувања сезонава и седма сезона по ред ја поминува границата од 40 погодока. За Левандовски ова беше петти хет-трик во ова натпреварување. Поуспешни од него се само Меси и Кристијано Роналдо, со по осум. Баерн седми пат постигнува седум и повеќе голови во ЛШ, двојно повеќе од кој било друг тим во ова натпреварување. Томас Милер постигна два гола, или вкупно 26 во нокаут-фаза на ЛШ, што е клупски рекорд.
– Немаше неизвесност пред натпреварот, можеби само мала тензија. Сите бевме свесни за важноста на мечот, но работите тргнаа добро за нас, имавме и малку среќа што ни недостигаше на првиот меч – изјави Милер.


Клоп: Ако имаше меч што можевме да си дозволиме да го загубиме, тоа беше овој

Ливерпул стана првиот англиски тим што се пласира меѓу осумте најдобри во фудбалската Лига на шампионите, елиминирајќи го Интер. „Црвените“ загубија во реваншот дома со 0-1, но во првиот меч во Милано славеа со 2-0. За Ливерпул ова беше прв пораз сезонава во ЛШ (и прв годинава и прв дома по една година) по седумте победи по ред. Ова беше еден од ретките мечеви на кои фудбалерите на Ливерпул не постигнаа гол, откако на претходните 43 натпревари 109 пати ја затресоа противничката мрежа. Ливерпул четврти пат во претходните пет сезони е во четвртфиналната фаза во ЛШ, а пред дуелот со Интер беше во серија од 28 меча без пораз дома (21 победа и седум ремија).
– Вистинска уметност во фудбалот е да се загуби „вистински“ натпревар. Го мразам тоа, но ако имаше некој натпревар што можевме да си дозволиме да го загубиме, тоа беше овој, бидејќи главната цел е да се помине натаму. Среќен сум што одиме понатаму и мислам дека го заслуживме тоа – изјави менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп.