ФУДБАЛ
- Баерн има шанса да освои најмногу бодови и да постигне најмногу голови во една сезона, Кејн го брка голгетерскиот рекорд на Левандовски, а Олисе рекордниот број асистенции на Милер
Баерн постигна три или повеќе гола 18. пат во германското фудбалско првенство сезонава, откако го победи Ајнтрахт со 3-2 и остана во водство во трката за титулата, пишува Бундеслигата. Со 11 кола до крајот на сезонава, може да бидат соборени уште многу рекорди, и тоа Баерн, Хари Кејн и Мајкл Олисе. По минималниот пораз од Аугсбург (1-2) и ремито со Хамбург (2-2), Баерн се врати со три победи по ред, на дуелите со Хофенхајм (5-1), Вердер (3-0) и со Ајнтрахт Франкфурт (3-2). Кејн постигна по два гола во секој од тие натпревари, а бранителот на титулата повторно постигна голови за победнички залет. Овие резултати ги одржуваат избраниците на тренерот Винсент Компани на врвот на табелата, со 60 поени и гол-разлика плус 64, обидувајќи се да ја одбранат титулата со стил. Актуелниот највисок број бодови во историјата на Бундеслигата е поставен во сезоната 2012/2013, кога Баерн освои 91 поен и со гол-разлика плус 80.
Само победничка серија до крајот на сезоната би им овозможила да го надминат тој рекорд. Во оваа фаза, сепак, соборувањето на рекордот за број на постигнати голови во една сезона како тим се чини поверојатен, пишува Бундеслигата. Досега во своите 23 натпревари Баерн ја пронајде мрежата 85 пати.
Не е изненадувачки и тоа што тоа е и најдобриот просек на голови по меч досега во овој дел од сезоната, со просек од 3,69 погодока по натпревар. За да го надминат актуелниот рекорд од 101 гол (од Баерн, во сезоната 1971/1972), ќе им требаат уште 17 во преостанатите 11 натпревари.
Неколку ѕвезди на Баерн покажаа одлична завршница на акциите, но Кејн повторно е предводник. Откако веќе беше најдобар стрелец во секоја од неговите први две сезони во Бундеслигата, Англичанецот е на добар пат да постигне хет-трик откако досега постигна 28 гола. Рекордот на Роберт Левандовски од 41 гол во една сезона и дали Кејн може да го надмине е тема на многу разговори, пишува Бундеслигата. До 23. коло, за време на таа незаборавна сезона 2020/2021, легендарниот Полјак исто така постигна 28 гола, колку и Кејн сезонава. Ниту еден играч досега не постигнал повеќе во оваа фаза од сезоната.
Додека Англичанецот е главен стрелец на својот тим, Олисе е водечки асистент. Францускиот репрезентативец имаше една асистенција против Хофенхајм за шести натпревар по ред во Бундеслигата, со што достигна 16 асистенции сезонава, што е веќе повеќе од водечките 15 во лигата што ги постигна во текот на целата сезона 2024/2025. Вкупниот рекорд на Бундеслигата е на Томас Милер, со 21 асистенција во текот на сезоната 2019/2020. По 23 кола од таа сезона, Милер имаше 14 асистенции. Н.М.


































