БУНДЕС-ЛИГА
Баерн забележа победа на гости над Фрајбург, со 4-1 и е на добар пат кон 10-та титула во низа, но сенка врз триумфот на Баварците во мечот од германската Бундес-лига фрли конфузната ситуација кога во финишот од мечот, во 86-та минута, околу 17 секунди имаа 12 фудбалери на теренот.
Двајца играчи на Баерн, Никлас Зиле и Марсел Забицер, влегоа во игра, но излезе само еден, Корентин Толисо. Грешката настана откако четвртиот судија покрај аут-линијата покажал погрешна бројка и Кингсли Коман, кој требало да излезе, не знаел за тоа и останал на теренот.
Претставниците на Фрајбург ги предупредиле судиите за пропустот поради што имаше и осумминутен прекин на мечот. Според правилата на лигата, можно е оваа победа на Баерн да биде поништена. Главниот судијата Кристијан Дингерт рече дека „ситуацијата е тотално збунувачка и оти германската фудбалска федерација (ДФБ) ќе мора да одлучи за тоа“.
Тренерот на Фрајбург, Кристијан Штрајх, рече дека неговиот тим не планира да поднесе жалба.
– Очекувам дека нема да се жалиме. Ги почитуваме правилата, тоа е сѐ што можам да кажам за тоа – рече Штрајх.
Шест меча за сезонски голгетерски рекорд
Баерн постигна 85 гола на 28 првенствени натпревари сезонава во германската фудбалска Бундес-лига. Лани Баерн вкупно постигна 99 гола, а една сезона претходно 100. На лидерот, сезонава му преостануваат уште шест натпревари за да го собори рекордот во Бундес-лигата, во негова сопственост, според голови во една сезона (101, во сезоната 1971/72).