ФУДБАЛ
Австралија стана 31-та селекција што обезбеди настап на Светското првенство (СП) во фудбал годинава откако го победи Перу, на пенали со 5-4, откако по 120 минути игра беше нерешено, 0-0, во интерконтиненталниот плејоф-меч во Катар. Голманот Ендрју Редмејн, кој го замени Мет Рајан непосредно пред изведувањето на пеналите, на третиот меч во дресот на Австралија, беше херојот на мечот, одбранувајќи му го последниот удар на Алекс Валера. За Австралија ова ќе биде шести настап на мундијалите (досега во 1974, 2006, 2010, 2014 и во 2018 година), а третпат на светските првенства се пласира преку интерконтинентален плејоф (претходно за СП во 2006 и во 2018 година). Австралија на Светското првенство годинава ќе биде во групата Д, во која се Франција, Данска и Тунис. За 32-та репрезентација што ќе настапи на СП 2022 решаваше вчерашниот интерконтинентален плејоф-натпревар Костарика – Нов Зеланд, исто така, во Катар.