Кога Емери беше избран за тренер на Астон вила во ноември лани, тимот беше меѓу екипите што можеа да бидат вовлечени во трката за опстанок. Шпанецот направи пресврт и Астон вила беше седма и се пласира во Конференциската лига, а сезонава работите се подобрија уште повеќе и по 16 кола Астон вила е на само два бода од врвот во Премиер-лигата
ФУДБАЛ
Астон вила е на само два бода од врвот во англиската фудбалска Премиер-лига по победата на мечот со Арсенал и не само што тренерот Унаи Емери победи на дуелот со неговиот поранешен клуб туку со триумфот со 1-0 и неговиот актуелен тим ја зголеми победничката серија дома на 15 натпревари. Емери и неговите фудбалери не зборуваат за титулата, но новинската агенција ПА пишува за тоа како Астон вила им пркоси на шансите да се трка за врвот на табелата, пишува британскиот дневен весник „Индепендент“.
Какво влијание имаше Емери? Кога Емери беше избран да го замени Стивен Џерард на жешкото место во Астон вила во ноември лани, тимот беше меѓу екипите што можеа да бидат вовлечени во трката за опстанок. Шпанецот, сепак, направи пресврт и Астон вила ја заврши сезоната на седмото место и се пласира во Конференциската лига. Сезонава работите се подобрија уште повеќе, а од доаѓањето на Емери, тој забележа 26 победи од неговите 41 натпревар во Премиер-лигата на чело на Астон вила. На секој тим што сака да биде во врвот на табелата веројатно ќе му треба плоден стрелец, а Вила го има Оли Воткинс, кој постигна осум гола и шест асистенции. Неколку играчи наследени од Емери се подобрија под негово водство, како Езри Конса, Џон Мекгин, Даглас Луиз и Воткинс, на пример, пишува „Индепендент“. Астон вила исто така ги додаде Пау Торес, Јури Тилеманс и Муса Диаби летово, а триото ја одигра својата улога во помагањето на тимот на Емери да направи подобрувања. Емери го има и светскиот првак Емилијано Мартинез, кој беше избран за најдобар голман на светот на церемонијата за „златната топка“ во ноември.
Вила победи на сите 15 натпревари дома во Премиер-лигата откако загуби со 2-4 од Арсенал во февруари. Тоа е клупска рекордна серија што го претвори, во оваа фаза од сезоната, во кандидат за титулата. Во период од четири дена, Астон вила ги победи актуелниот шампион Манчестер сити и вицешампионот од минатата сезона Арсенал за да покаже дека може да се трка со најдоброто што го нуди лигата, пишува „Индепендент“.
– Пласман во Лигата на шампионите секако е голема мотивација за нас. Секое место сега е важно за нас. Можеме да почекаме до 30-то или 32-то коло во случај да бидеме меѓу првите четири во тој момент, тогаш можеби ќе мислиме дека сме претенденти да бидеме таму. Сега мораме да бидеме среќни и да бидеме фокусирани – рече Емери, пренесе „Скај спорт“.
Микел Артета, тренерот на Арсенал, вели дека Емери бил менаџер кого го гледал кога ја почнал сопствената тренерска кариера.
– Тој е на доста голема дистанца со сѐ што постигна и освои. Тој е некој на кој му се восхитувам. Со секој тим беше извонреден, секогаш ги подобрува играчите, тимот и клубот – вели Артета, пренесе „Скај спорт“. Н.М.