Арсен Венгер го претстави својот план за иднината на фудбалот

Венгер во интервју за „Индепендент“ зборува за тоа како фудбалот можеби ќе треба да „создаде школи за напаѓачи“ за да го реши недостигот од стрелци, како модерните академии нудат висок технички квалитет, но значеа и дека „се губи малку од таа слобода, таа креативност“, потоа за трендот во некои академии да се обнови фудбалот од парковите, како фудбалот не произведува толку многу добри играчи колку што може, како тоа доведе до надуен трансфер-пазар каде што „сите мислат исто“, зошто земјите како Хрватска и Уругвај се толку постојано успешни и како фудбалот се справува со овие работи

Додека бев во Арсенал не се грижев премногу за тоа, бидејќи морав да победам на следниот натпревар. Кога ќе имате глобална визија за светскиот фудбал, сфаќате дека нешто не е во ред, вели Арсен Венгер, поранешниот менаџер на Арсенал, во интервју за британскиот дневен весник „Индепендент“, во кое зборува и за иднината на фудбалот, исчезнувањето на фудбалот во парковите и, на пример, зошто Светската фудбалска федерација (ФИФА) би можела да создаде „школи за напаѓачи“.
Уште има моменти кога Венгер седи на своето биро во Цирих, се разбира со поглед на секој терен, од класичен до фудбал на плажа, и се прашува за обемот на задачата што ја презел. Можеби беше полесно соочувањето со Алекс Фергусон или со Пеп Гвардиола?
– Кога седите и мислите: „Морам да го подобрам фудбалот во светот“, сфаќате дека не е лесно – се смее Венгер, пред да гестикулира кон терените долу. – Попрво би рекол „дајте ми тим и таму долу можам да ви покажам што можам да направам“. Но штом ќе седнете тука ќе кажете: „Колку, 211 земји? Во ред, ви благодарам многу – вели Венгер.
Колку и да е големо менаџерското наследство на Венгер, има толку многу моменти кога се зборува со него за неговата улога како шеф на глобалниот фудбалски развој во ФИФА (на таа функција е од 2019 година) кога е невозможно да не се прашаме колку пошироката игра можеше да има корист од неговото ретко искуство. Венгер, веројатно, го привлече најголемото внимание како предводник на идејата за играње светски првенства секои две години, но неговата вистинска работа, и голема одговорност, е кревање на нивото на спортот во светот, така што секоја земја и секое дете да имаат шанса во спортот.

– Верувам дека навистина фудбалот може да го промени светот. Не само од фудбалската туку и од човечката страна. Тоа е следниот чекор – рече тој на Конвенцијата за фудбал за жени на ФИФА во Сиднеј минатиот месец.
Венгер во опширното интервју за „Индепендент“ објаснува.
– Во Европа, сѐ е направено и малку не сме свесни за потребите на друго место, бидејќи во некои земји нема фудбалско образование… тоа е неверојатно. Фудбалот го освојува светот со незапирлива брзина и во моментов има дисфункција помеѓу публиката и практиката во некои земји – вели тој.
Венгер зборува за тоа како првите чекори за решавање на ова се создавање бесплатни центри за најдобрите таленти и ширење оттаму за создавање т.н. автохтони структури. ФИФА сега финансира 25 академии, а поранешниот менаџер на Арсенал неодамна вклучи тренери за последните подготовки. Меѓутоа, таква е природата на неговото размислување на сите области, кои вклучуваат како фудбалот можеби ќе треба да „создаде школи за напаѓачи“ за да го реши недостигот од стрелци, како модерните академии нудат висок технички квалитет, но значеа дека „се губи малку од таа слобода, таа креативност“, колку пресингот влијаеше на тоа, потоа „трендот во некои академии е да се обнови фудбалот од парковите“, како фудбалот не произведува толку многу добри играчи колку што може, „дали светот произведува доволно добри играчи“, како ова доведе до надуен трансфер-пазар, каде што „сите мислат исто“, зошто земјите како Хрватска и Уругвај се толку постојано успешни и како фудбалот се справува со овие работи?
– Го анализиравме фудбалот во 205 земји и откривме дека во половина од светот има дефицит во образованието… при што мислам на идентификација на таленти, тренерска програма, квалитет на тренирање, квалитет на натпреварите и интеграција во првиот тим. Она што во основа го дознавме е дека постои огромна корелација помеѓу квалитетот на образовниот систем и резултатите во првиот тим. Ѝ предложивме на секоја асоцијација членка да ѝ помогнеме да го развие образованието. Во суштина, ако немате образование во животот, немате шанса, па мојата цел беше секако да го сменам тоа – вели Венгер.
Некои од предизвиците доаѓаат од она што беше еден од најтрансформациските фактори во модерната игра. Тоа е начинот на кој низа богати западноевропски земји како во суштина го индустријализираа производството на таленти. Самиот Венгер укажува на тоа како талентите на Националната фудбалска академија на Франција ги победувале англиските кога тој пристигнал во Арсенал во 1996 година, но тоа повеќе не се случува. Англија се израмни.
– Не, не, би рекол дека тоа е квалитетот на образованието. Она што се намали во последните генерации е тоа што исчезна парковскиот фудбал и сега трендот во некои академии е да се обнови она што се случуваше порано. Самата игра е добар тренер. Зошто? Затоа што, ако играм во парк, морам да носам одлуки. Ако сум доволно итар за да размислам зошто тоа не се случи и имам правилна процена, следниот пат кога ќе се најдам во истата ситуација ќе донесам правилна одлука. Малку го изгубивме тоа. И можеби денес понекогаш малку има претренирање и ја губиме малку таа слобода, таа креативност, тој индивидуален тренинг што се случуваше порано – рече Венгер.

НАМАЛЕН Е БРОЈОТ НА ЦЕНТАРФОРИ

Тој верува дека најголемата цена на похомогенизираниот академски систем е основата на фудбалот – постигнувањето гол. Тој верува дека тоа резултирало со намалување на бројот на напаѓачи што неизбежно донесе намалување и на класичните центархалфови. Херметички затворената природа на модерните академии значеше дека младите играчи не се „образовани за борба“ на ист начин, пишува „Индепендент“.
– Мислам дека фудбалот драстично се подобри низ целиот свет, но некои позиции денес е потешко да се најдат, бидејќи можеби еволуцијата и квалитетот на тренирањето ги потиснаа природните борбени квалитети во позициската игра. Акцентот стана повеќе на квалитетот на додавањата, квалитетот на водењето на тимот. Ако излезете сега на тренинг тука, ќе се почне со додавање, со квалитетот на поседот на топката. Порано, терените за тренинзи не беа добри, па мораше да ја кренеш топката до напаѓачот. Напаѓачот мораше да се бори за да ја добие топката, така што, нормално, развивате квалитети што со додавањето ги развивате малку помалку. Ако излеземе и играме во парк, знаете дека треба да постигнувате голови за да го добиете натпреварот. Тогаш треба да се борите. И играта „човек на човек“ исчезна, така што е полесно да се добие топката. Помалку сте соочени со борба. Го гледате тоа во Германија. Бидејќи играат зонски, повеќе не произведуваат напаѓачи. Ако ја погледнете глобалната еволуција, се оддалечивме од дефанзивците што само бранат, од напаѓачите што само напаѓаат, од средните играчи каде што некои бранат, а некои напаѓаат, за да бидеме целосно конкурентни. Технички, денес играчите на секоја позиција треба да бидат подобри поради поголемите барања од пред 30 години. Темпото е поголемо, атлетската страна е поголема. Така, денес технички е подобар десниот бек, централниот… Се разбира, имавте исклучоци во историјата, но можеби тоа ja исфрли и специфичностa, креативноста на некои играчи поради темпото. Генерално, секој играч на секоја позиција стана покомплетен. Би рекол затоа што денес отидовме во специфична игра со додавање, барањата од напаѓачот да постигне гол се помали од претходно. Јирген Клинсман истакна интересна поента за тоа. Тој ми рече: „Играв само со една работа на ум: морам да постигнам гол. Чувствувам дека напаѓачите денес ја оценуваат сопствената игра според тоа како комбинираат со другите играчи. Ја оценував мојата игра само по тоа дали постигнав гол“ – вели Венгер.

Па, како фудбалот го решава ова?
– Што и да правите, фудбалот е секогаш квалитетот на оној што ви ја додава топката и на оној ја тресе мрежата. Вистина е дека сега наоѓате повеќе добри додавачи отколку центарфори. И можете да ги развиете овие квалитети. Мислам дека тоа е нешто што ќе се реши. Сега, по наполнување 15 години, треба да почнеме со специјализација и со позициска игра. Постигнување гол под притисок. Да се постигне гол со тоа што ќе бидат предизвикани и квалитетот на движењето… да ја преземат таа одговорност дека нивниот фокус секој ден е да постигнуваат голови. Значи, можеби треба да создадеме школи за напаѓачи, внатрешно во клубовите или да има поконкретна работа. Мислам дека тоа е на пат да се случи сега. Ако го гледам Ерлинг Холанд, тој за мене е вистински типичен напаѓач. Изгледа дека е подготвен за борба, подготвен да биде фокусиран само на постигнување голови. Како што Оливие Жиру е вистински напаѓач по менталитет, тоа објаснува зошто тој уште игра на 36 години. И Златан Ибрахимовиќ, Карим Бензема, тие се образовани за борба и за постигнување голови. Во Франција сега повторно имате добри напаѓачи. Во Германија, каде што имаа големи напаѓачи, имаат помалку. Сега размислуваат како можат повторно да го променат тоа – вели Венгер.
Тоа може да донесе промена и кај центархалфовите, со оглед на тоа колку се меѓусебно поврзани двете улоги.
– На крајот од мојата кариера, сакавте централните бекови да играат назад. Денес сакате централниот бек да игра како број 10 и да се брани, да биде тврд. Борење и играње. Тешко е секогаш да се најде тој баланс – вели тој.
Во тоа, според Венгер, е и убавината.
– Знаете, фудбалот за мене е магија, бидејќи мора да направиме добар баланс меѓу техничкото, физичкото и тактичкото. Значи, на пример, една од работите што сме претпазливи да ја промениме е правилото за офсајд затоа што сакаме да ја одржиме таа рамнотежа. Ако играм, на пример, против Килијан Мбапе, единствената предност што ја имам е да го оставам во офсајд. Ако офсајдот ми е уште потешко да го играм, немам повеќе шанси. Па што можам да направам? Кога неговиот тим ја има топката, можам да трчам во шеснаесетникот за да го чекам. Во друг случај, немам шанси. Исто и со Холанд. Значи, кога притискате, одбраната мора да се крене погоре, а просторот останува зад мене. Против брзите играчи станува уште потешко. Тоа е добар пример за еволуцијата на играта. Нападот ви создава нов проблем. Одбраната одговара со анализа на вашата супериорност. Потоа нападот наоѓа ново решение. Па сега би рекол како да се борите против пресингот? Така што играчите ќе бидат подобри технички. Еволуцијата е создадена од противникот – рече Венгер.

ТРАНСФЕР-ПАЗАР

Има слична динамика на трансфер-пазарот што влијаеше на некои од ангажманите летово. Додека порано Луис Фиго и Зинедин Зидан ги добиваа рекордните хонорари затоа што тие беа во својот врв и имаа кариери што нудеа апсолутен доказ за квалитет, тој вид трошење сега е насочен кон многу помлади таленти, па дури и тинејџерите како Расмус Хојлунд и Џуд Белингам заминаа за големи обесштетувања, пишува „Индепендент“.
– Она што се случува сега е затоа што клубовите мислат дека потврдените играчи се скапи, па се обидуваат да се борат за помладите фудбалери. Тие мислат дека ќе ги добијат поевтино. Тоа што сите мислат исто ги прави цените на помладите играчи, според мене, превисоки. Зошто? Затоа што на 19, 20, 21 година гледате дали играчот има капацитет да се справи со притисокот. За потврдените играчи, со високите нивоа на трансфери доаѓаат и високите плати, па дури и клубови како Реал Мадрид не можат да се справат со двете. Каков е трендот на врвните пазари? Тие ги натераа играчите да одат до крајот на договорот за да можат да им ја дадат на играчите платата што ја сакаат. Но има две прашања. Дали светот произведува доволно добри играчи? Мислам дека не, а, исто така, верувам дека цените зависат од идентитетот на купувачот. Некаде, идентитетот на купувачот ја одредува цената – вели Венгер.

БЕСПЛАТНИ АКАДЕМИИ

Ако целите се исти за секоја земја, предизвиците се различни, пишува „Индепендент“.
– Во некои земји имаме недостиг од фудбалска култура. Понекогаш недостиг од структура, а во некои земји, бидејќи приватните академии ги презедоа, дете од сиромашно потекло не може да плати за да влезе во фудбалската школа. Тоа е токму спротивното од она што сакам да го направам. Можете да играте со портокал или можете да направите топка од хартија. Затоа фудбалот е толку популарен. Но, денес, ако сакате да стигнете до добро ниво на образование во фудбалот, во некои земји не го добивате тоа. Сметам дека тоа не е правилно, бидејќи во многу земји има некои приватни иницијативи, но родителите треба да платат за да ги внесат децата таму. За мене не е важно дали си богат или сиромашен. Ако си добар, влегуваш. Нашите академии се бесплатни, само отворени за таленти. Мора да се приспособите и да најдете решение во секоја земја – рече Венгер.
Токму тука уште една мисла на Венгер отвора сосема нов пат за дискусија. Во овој случај, некои репрезентации постојано имаат добри резултати, пишува „Индепендент“.
– Тоа што дознавме и што објаснуваат земји како Хрватска, Уругвај, кои се мали земји, е дека бројот на добри играчи на мал простор е поважен од голем број добри играчи на голем простор. Пред 40 години од студијата што ја направив за Холандија сфатив зошто сакам да ги спојам најдоброто со најдоброто. Бидејќи играат еден против друг, се стимулираат. Тоа ги објаснува земјите како Холандија, Хрватска, Уругвај. Тие продолжуваат да создаваат репрезентации и играчи, бидејќи имаат добро ниво на образование и идентификација на таленти. Хрватска беше полуфиналист на претходните две светски првенства. Успехот не е ограничен само на големите земји. Тоа е само ограничено на квалитетот на образованието и на организацијата – изјави Венгер.
Тоа е, исто така, нова романтична доблест на меѓународниот фудбал, која преврти голем дел од историјата на спортот. Сега нуди виталност што клупската игра не може. Без разлика колку е голема популацијата, селекторите треба да се задоволат со тоа што го имаат, пишува „Индепендент“.
– Да, меѓународната тимска игра го наградува квалитетот на образовната работа. Клупската игра, а јас сум голем обожавател на големите клубови, е регрутирање на најдобрите играчи од целиот свет. Тоа е фантастично, но мислам дека ви требаат двете, за да им дадете шанса на сите. На пример, Хрватска денес не може да се натпреварува со своите клубови, на врвно ниво, бидејќи играчите си заминуваат рано. Потоа се враќаат и се натпреваруваат со својата репрезентација, па се наградени за квалитетот на нивната работа. Тоа е нашата цел. Во Африка, истото е. Во КОНКАКАФ е исто. Се враќам од Австралија, фудбалот е незапирлив. Момчето или девојчето го сакаат сонот. Кога гледаат фудбалери, кога гледаат светско првенство, имаат сон, а тоа е да играат фудбал и да го освојат пехарот. Ние го создаваме сонот. Но во моментов немаме капацитет да го исполниме овој сон – вели Венгер. Н.М.