Да се има Лионел Меси во МЛС е огромно засилување. Не само што е најдобриот играч во светот туку и надвор од теренот тој е огромен амбасадор на играта. На микрониво може да се види дека многу билети се продаваат, вели Монтаљани, претседател на КОНКАКАФ
Доаѓањето на Лионел Меси во фудбалската лига на САД (МЛС) докажува дека „нема плафон“ за фудбалот во Северна Америка, вели главниот фудбалски администратор на континентот Виктор Монтаљани, пренесува „Би-би-си“.
Меси беше претставен пред публиката на настанот што го одржа неговиот нов клуб Интер Мајами, а во Лос Анџелес истовремено пред преполн стадион со 70.000 луѓе играа Мексико и Панама во финалето на Голд-купот. Монтаљани, претседател на Фудбалската асоцијација на Северна Америка (КОНКАКАФ), смета дека е момент да се промени перцепцијата за фудбалот во регионот.
– Сите отсекогаш гледале на нашиот регион како иднина на фудбалот. Но нашиот регион е присутен и во однос на нашите лиги, клубови, конкуренција и она што го носиме од глобална гледна точка. Ова е само почеток, нема ограничување за растот на играта во нашиот регион. Да се има Лионел Меси во МЛС е огромно засилување. Не само што е најдобриот играч во светот туку и надвор од теренот тој е огромен амбасадор на играта. На микрониво може да се види дека многу билети се продаваат – вели тој за „Би-би-си“.
Додека Меси ќе генерира огромен интерес за секој натпревар што ќе го игра, овој месец Голд-купот е почеток на низа големи турнири што се одржуваат во Северна Америка, вклучувајќи ги Копа Америка в година и првото Светско клупско првенство со 32 тима во 2025 година, како и Светското првенство во 2026 година што ќе се одржува во САД, Канада и во Мексико. Н.М.