Најстариот фудбалски клуб во Италија, Џенова, каде што настапува легендата на македонскиот фудбал, Горан Пандев, е најновиот тим во големиот број тимови од Серија А со сопственици од Северна Америка. Џенова, која е основана во 1893 година, е продадена на приватната инвестициска фирма „777 партнери“.
– Новата сопственичка група ќе купи 99,9 отсто од акционерскиот капитал во Џенова, ќе инвестира нов капитал во клубот и ќе преземе одредени обврски. Претходниот сопственик Енрико Прециози ќе остане во управниот одбор на клубот, а извршниот директор Алесандро Зарбано ќе продолжи да ги извршува секојдневните работи на клубот – се вели во клупското соопштение за промената на сопственоста.
Прециози одредено време бараше да ја продаде Џенова по 18 години на чело на клубот.
Шест други тимови во Серија А имаат сопственици од Северна Америка. Тоа се Милан, Рома, Фиорентина, Болоња, Специја и Венеција, плус Парма, која испадна во Серија Б. Американската „777 партнери“ со седиште во Мајами поседува и мал удел во шпанскиот клуб Севилја, како и во кошаркарскиот тим Лондон лајонс.
Џенова ја освои последната од деветте титули во италијанската лига во 1924 година. Ланската сезона Џенова заврши на 11-то место, а во новото првенство има забележано само една победа и едно реми по првите пет натпревари во Серија А.