Во своето прво европско финале во клупската историја, Вилјареал ќе игра против Манчестер јунајтед, кој беше победник во 2017 година

ФУДБАЛ, ЛИГА ЕВРОПА

Вилјареал и Манчестер јунајтед се финалисти во фудбалската Лига на Европа (ЛЕ). За Вилјареал, кој во полуфиналето го елиминира Арсенал (0-0 и 2-1), ова ќе биде прво европско финале во клупската историја, во петтиот обид и своевиден реванш против „топчиите“ за поразот во полуфиналето во Лигата на шампионите (ЛШ) 2006 година, на последниот европски натпревар на стариот стадион „Хајбери“, како и за поразот во четврт-финалето три години подоцна.
Шпанската „жолта подморница“ е 61-та екипа што ќе игра во финалето на ЛЕ, порано Куп на УЕФА.
– Многу сум горд, ова е многу важно за нас, мислам дека го заслуживме. Ќе уживаме малку во овие моменти, а потоа ќе се подготвуваме за натпреварот против Манчестер јунајтед. Заслужуваме да играме во финалето, ќе се обидеме да одиграме најдобро што можеме и да го освоиме пехарот – изјави Унаи Емери, тренерот на Вилјаред, кој 18 месеци беше менаџер на Арсенал, пред да добие отказ во ноември 2019 година.

Емери е вистински специјалист за ова натпреварување за што говори податокот дека ова ќе му биде петто финале! Со Севилја триумфира трипати, во 2014, 2015 и 2016 година, а во 2019-та со Арсенал загуби од Челси.
Манчестер јунајтед беше подобар во двомечот со Рома (2-3 и 6-2), во кој беа постигнати 13 гола, најмногу во полуфинале во Куп на УЕФА/ЛЕ. Единсон Кавани (34) ги постигна двата гола во Рим, а постигна два гола и на првиот меч во Манчестер, со што стана првиот играч што по 34 години постигнува два и повеќе голови во полуфиналињата. Во сезоната 1985/1986, Клаус Алофс од Келн постигна пет гола против Варегем во Купот на УЕФА. Кавани даде 16 погодоци на последните 15 настапи во ЛЕ, од кои 15 на последните 10 меча како стартер.
Манчестер јунајтед ќе игра за првиот трофеј по 2017 година, кога триумфира токму во ЛЕ, и за прв под водство на менаџерот Оле Гунар Солскјер. За Манчестер јунајтед ова ќе биде осмо големо европско финале, втор англиски клуб со ваков ефект, по Ливерпул, кој настапил во 14 финалиња.