Шпанија ја совлада Италија со 2-1 и ја прекина нејзината низа од 37 меча без пораз, а за „азурите“ тоа беше првиот пораз во официјален натпревар на домашен терен од 1999 година. Италија немаше примено повеќе од еден гол на ниту еден од претходните 40 натпревари

ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИ, ПОЛУФИНАЛЕ

Шпанија ќе игра во неделното финале на второто издание на фудбалската Лига на нации (ЛН), по триумфот над Италија (2-1) во првиот полуфинален натпревар во Милано. Двата гола за Шпанците ги постигна Феран Торес, напаѓачот на Манчестер сити, вкупно 11 на 20 меча, од 1 септември 2020 година. За Италија, која од 42. минута играше со 10 фудбалери, поради исклучувањето на Леонардо Бонучи, ова е прв пораз по 37 меча во низа, на кои забележа 29 победи и осум ремија. „Азурите“ го загубија првиот официјален натпревар на домашен терен по 1999 година (тогаш од Данска, 2-3). Италија немаше примено повеќе од еден гол на ниту еден од претходните 40 натпревари. За Шпанија, пак, оваа победа беше реванш за поразот на пенали во полуфиналето на Европското првенство (ЕП) годинава.
– Одигравме одличен меч против силен противник. Мојот тим изгледаше опасно во текот на целиот меч, игравме добар пресинг и јас сум задоволен. Се браневме со високиот пресинг, бевме храбри. Но ова е само еден натпревар, не е победа за генерацијата – изјави шпанскиот селектор Луис Енрике.

Шпанија во финалето в недела (20.45 часот) ќе игра со подобриот од синоќешниот дуел Белгија – Франција, а Италија в недела (15 ч.) во мечот за третото место ќе игра со поразената селекција од тој меч.
– Шпанија технички одигра многу добро и требаше да бидеме повнимателни, да не примиме гол пред крајот на првото полувреме. Многу е тешко да се соочите со големиот посед на топка на Шпанија со 11, а камоли со 10 играчи – изјави селекторот на „азурите“, Роберто Манчини.
Победникот на Лигата на нации ќе добие сребрен пехар, тежок 7,5 кг и висок 71 см, како и парична награда од 10,5 милиони евра. Поразениот во финалето добива девет милиони евра, третото место носи осум, а четвртото место седум милиони евра.