По четвртото коло во ЛШ, утре и задутре, Атлетико, Баерн, Јувентус, Манчестер сити, Наполи и ПСЖ би можеле да се најдат меѓу 16-те најдобри
Атлетико Мадрид, Баерн, Јувентус, Манчестер сити, Наполи и Пари сен Жермен би можеле уште неделава, по 4-то коло во фудбалската Лига на шампионите да го обезбедат пласманот во осминафиналето. Некои тимови зависат само од својот резултат, а некои неделава би се пласирале меѓу 16-те најдобри и во комбинација со другиот резултат од нивната група.
Од групата А францускиот првак Пари сен Жермен може да стане осминафиналист со победа дома над Бриж, или со реми, а Реал Мадрид да не загуби од Галатасарај.
Германскиот шампион Баерн во групата Б може да се најде во следната рунда од најсилното европско клупско натпреварување ако дома го победи Олимпијакос.
Во групата Ц, каде што игра и Динамо на македонскиот репрезентативец Аријан Адеми, Манчестер сити би станал осминафиналист ако победи кај Аталанта на гости.
Со победа на гости кај рускиот Локомотив италијанскиот Јувентус од групата Д ќе се пласира во осминафиналето, а во тој случај и шпанскиот Атлетико може да се најде меѓу 16-те најдобри тимови сезонава ако го победи на гости Баер од Германија.
Во групата Е, Наполи на македонскиот репрезентативец Елиф Елмас може да се најде во осминафиналето ако победи во 4-то коло дома против Салцбург, а Ливерпул не загуби од Генк дома.
Од групите Ф, Г и Х ниту еден тим нема да може неделава да се пласира во осминафиналето.