Во полуфиналниот меч во Келн, Германија, петкратниот победник Севилја го елиминира Манчестер јунајтед, победувајќи го со 2-1
ФУДБАЛ
Севилја, „специјалистот“ за Лига Европа (ЛЕ), е првиот финалист во второто по ранг европско клупско фудбалско натпреварување. Во полуфиналниот меч во Келн, Германија, петкратниот победник во ЛЕ/Куп на УЕФА (2006, 2007, 2014, 2015 и 2016) Севилја го елиминира премиерлигашот Манчестер јунајтед, победувајќи го со 2-1. Противник на Севилја во финалето в петок ќе ѝ биде Интер или Шахтар.
Победничкиот гол за Севилја го даде Лук де Јонг во 78-та минута. Претходно Манчестер јунајтед поведе во 9-та минута со пенал-голот на Бруно Фернандеш, 22. за нив сезонава во сите конкуренции, најмногу во Европа, два помалку од рекордните 24 на Барселона во сезоната 2015/2016! Манчестер јунајтед го загуби третото полуфинале сезонава, по оние во ФА и во Лига-купот.
Севилја израмни со голот на Сусо во 26-та минута, 125-ти за тимот од Андалузија, рекорд во ова натпреварување. Но јунак на мечот беше голманот резервист Мароканецот Јасин Боно, роден во Канада, позајмен играч од Жирона.
Тој го зазеде местото на повредениот прв голман, Чехот Томас Вацлик, и во првите 10 минути од вториот дел им одбрани шест удари на Маркус Рашфорд, на Ентони Марсијал, на Фернандеш и на Мејсон Гринвуд. На последните два меча во ЛЕ, против Копенхаген и Севилја, фудбалерите на Манчестер јунајтед упатија 46 удари, од кои 21 во рамките на голот на двата ривала, а постигнаа само два гола, и тоа од пенали! Севилја нема примено гол во второто полувреме на последните 12 натпревари.
– Комплименти за Боно, тој нѐ спаси при резултат 1-1. Потоа влегов во игра и го дадов вториот гол. Одигравме добар меч, имавме одличен голман. Прекрасно е чувството по победата и пласманот во финалето – изјави холандскиот интернационалец, Де Јонг за кого ова беше прв гол на последните 12 меча.
Севилја, која шести пат ќе игра во финале на ЛЕ/Куп на УЕФА, четврти пат во последните седум години, двојно повеќе од кој било друг тим е во серија од 20 меча без пораз, од февруари (11 победи и девет ремија), четврти тим во петте најсилни европски лиги, покрај Реал, Баерн и ПСЖ.
Манчестер јунајтед трета сезона едноподруго останува без трофеј. Најдолгиот пост, четири последователни сезони без голем трофеј, беше помеѓу 1985 и 1989 година.
Со елиминацијата на Јунајтед пропадна и последната надеж на англискиот клупски фудбал да има претставник во финале во Лигата на шампионите (ЛШ) или во ЛЕ. Претходно, во саботата во четврт-финалето на ЛШ, беше елиминиран Манчестер сити, од Лион. Ланската сезона во двете натпреварувања, (ЛШ и ЛЕ), имаше сеанглиско финале, Ливерпул- Тотенхем, односно Челси – Арсенал.