Плановите за европска суперлига во фудбал се фикција, според двајцата најмоќни функционери во европскиот фудбал, претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Словенецот Александер Чеферин и Италијанецот Андреа Ањели, претседател на Јувентус и влијателното Европско здружение на клубови (ЕКА), во кое членуваат повеќе од 200 клуба.
Тие велат дека се обединети и покрај неодамна објавените документи за наводно одржани тајни разговори за создавање нова елитна лига.
– Суперлигата нема да се случи. Тоа на некој начин е фикција или сон – рече Чеферин.
Ањели, кој се спомнува како е еден од оние што се изјасниле и заговарале формирање суперлига додава: „Можам да потврдам дека никогаш не сме виделе, никогаш не сме дискутирале, ниту пак сме биле вклучени во создавањето на овој документ. Ние целосно соработуваме со УЕФА во напредокот на фудбалската игра“.
Чеферин и Ањели во ексклузивниот разговор за Би-би-си говореа и за плановите за реформа на европскиот фудбал од 2024 година, и за други работи. Германскиот неделник „Шпигел“ неодамна објави документи, според кои, наводно новата суперлига би можела да профункционира од 2021 година, со учество на некои од најголемите клубови од Шпанија, Италија, Германија, Англија и од Франција. Но Чеферин и Ањели се непопустливи, и веруваат дека најголемите клубови ќе останат во рамките на УЕФА, потврдувајќи дека во тек се детални разговори за наоѓање решенија, вклучувајќи ги и промените во форматот на Лигата на шампионите (ЛШ) за обезбедување поголема заработка. На состанокот на УЕФА во Даблин во почетокот на декември треба да се промовира новото, трето клупско европско натпреварување со 32 тима.